Данскиот дипломат Петер Соренсен најверојатно ќе биде назначен за нов специјален претставник на Европската унија (ЕУ) за дијалог во процесот на нормализирање на односите меѓу Србија и Косово, дознава Радио Слободна Европа (РСЕ) од дипломатски извори во ЕУ.
Според сознанијата на РСЕ, шефицата на европската дипломатија, Каја Калас, веќе го проследи неговото име до земјите-членки на ЕУ. Истите извори потврдуваат дека евроамбасадорите за овој предлог ќе разговараат на следниот состанок во вторник на 21 јануари. Сите процедури за назначување треба да бидат завршени до крајот на месецот, така што Соренсен ќе ја преземе функцијата на 1 февруари. Мандатот на пратеникот во заминување за дијалог Мирослав Лајчак истекува на 31 јануари.
Сите земји-членки на Европската унија треба да се усогасат за Соренсен.
Петер Соренсен има повеќе дипломатско искуство во европските структури отколку во Данска – земјата од која доаѓа. Беше шеф на делегацијата во Скопје и Сараево, а за време на администрацијата на УНМИК на Косово извршуваше повеќе функции.
Тој во моментов ја извршува функцијата виш советник во Службата за надворешни работи на ЕУ, институција која го надгледува процесот на нормализација на односите меѓу Србија и Косово.
Дипломатски извори од ЕУ за РСЕ велат дека се очекува Петер Соренсен да ја има единствената функција на пратеник за дијалог. Мирослав Лајчак, специјалниот претставник на ЕУ во заминување, беше одговорен за „другите прашања од регионот“.
Д. Т.