„Единствената погрешна одлука во целиот изминат период беше руската агресија врз Украина, а одлуките за помош и поддршка на Украина беа за да и се помогне на земјата која беше нападната да се одбрани“, изјави министерката за одбрана Славјанка Петровска при гостувањето во емисијата „Клик плус“ на ТВ 21, информираат од Министерството за одбрана.
Министерката Петровска истакна дека Северна Македонија ја осуди оваа агресија од самиот почеток, и додаде: се приклучивме на санкциите кон Русија и донесовме три одлуки за воена помош за одбрана на Украина, на нејзино барање, но и со согласност и став од Генералштабот на Армијата на Република Северна Македонија, дека овие донации кои ќе бидат транспарентно објавени кога ќе има услови за тоа, никако не влијаат на борбената готовност на Армијата.
Во Европа во 21 век не е дозволено да имаме слики на загинати деца, родители, огромен број на бегалци и затоа сојузниците се обединети во потребата за помош и поддршка на Украина која се брани, рече министерката.
Во однос на безбедноста на Балканот и воените вежби кои се реализираат во Северна Македонија, министерката истакна дека Северна Македонија е дел од колективната одбрана на НАТО и дека континуираните вежби се начинот на кој се одржуваат армиските капацитети и обученоста.
Криволак е нашата национална гордост и на полигонот вежби има во континуитет. Со овие вежби и со прелетите на воздухопловите кои се случија пред неколку дена, како и слетувањето на најмодерните ловци Ф-35 пред неколку месеци се демострација на силното сојузништво и приказ дека сојузниците се грижат едни за други, рече министерката.
Посветеноста кон безбедноста на регионот, порача Петровска, може да се види и преку нашето воено присуство во мисијата на НАТО на Косово со околу 70 војници, а присутни сме и во мисијата на ЕУ, АЛТЕА во Босна и Херцеговина.
Говорејќи за одбранбениот буџет и неговото користење, министерката за одбрана Славјанка Петровска истакна дека одбранбениот буџет изминатите години расте и дека тој тренд и понатаму ќе продолжи.
„Повеќе од 30% од одбранбениот буџет се користи за модернизација на Армијата. Одбранбениот буџет расте и тој правилно се користи – не само за плати и придонеси на вработените, туку и за модернизацијата на Армијата, нови вложувања и зајакнување на човечките ресурси“, рече министерката Петровска.
Покрај зголемениот буџет и процесите на модернизација и опремување, министерка Петровска потенцираше дека со новите измени и дополнувања на Законот за служба во Армијата се придонесува да имаме доволно мотивирана Армија, која е секогаш подготвена за справување со предизвиците на национално ниво.
Министерката истакна дека набавката на лесните оклопни возила е еден од 8 клучни проекти за вооружување на Армијата.
„Договорот е склучен минатата година, а оваа година веќе пристигнаа првите 6 лесни оклопни возила. До 2028 година, треба да пристигнат 96 вакви возила, а до крајот на оваа година очекуваме да бидат испорачани уште нови 27 возила од ваков тип. Оклопните возила се веќе дел од арсеналот на Армијата и нашите војници веќе се обучуваат за нивно користење“ рече министерката одбрана Славјанка Петровска.
М.Д.