„Русија во целата оваа ситуација се однесува анахроно, гледајќи го и однесувањето на руските претставници како од некои претходни времиња. Реакцијата вчера беше многу нервозна и пораките беа многу остри кон Русија“, вели Александар Николиќ Писарев на гостувањето во Слободна ТВ, на Утрински Брифинг.
„Очигледно е дека се работи на разместување на коцкички на глобално ниво не само на односите САД – Русија.
Генерално има целосно регрупирање со кое според мене Русија лошо се справува… Сака да парира на НАТО и да направи еден вид Евроазиско НАТО.
На крај целата оваа ситуација ќе заврши со тоа што руските бизнисмени ќе станат и ќе прашаат кој сето ова ќе го плати, бидејќи да донесете 50 илјади војници од една точка на друга не е само трошок на транспорт тука се и голем број логистички трошоци кои само во овој случај до сега Русија ја чинат 2 отсто инфлација“, вели Писарев.
Писарев вели дека Русија на преговорите со НАТО и ОБСЕ во Женева дојде со еден вокабулар „на ѓон“ и дојде со една нереална претстава за НАТО.
„НАТО не е само воена алијанса туку има и други цели. Мислам дека ваквото однесување на Москва повеќе е внатрешно политичко бидејќи во разговорите со Бајден беа јасно поставени пораките дека нема да и биде дозволено на Русија да преземе одредени чекори, меѓу кои и распределување на руски ракети, вели за Утрински Брифинг, новинарот Александар Николиќ Писарев.
Тој додава дека она што го прави Русија со Украина е опипување на пулсот на западот и НАТО.
Писарев предупредува дека Русија во следниот период воените инсталации ќе ги префрли на хибридната (пропагандната) војна, не само против Украина, туку и против НАТО, ОБСЕ итн.
Д.М.