Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ вчера објави дека обезбедила советничко мнозинство во Советот на Струмица, откако советникот од ВМРО-НП, Методи Витанов, влегол во нивните редови, и побара итна седница за верификација на новото мнозинството, како и за избор на нов претседател на Советот и нов заменик градоначалник.
Денеска, на Јутјуб се појави видео-изјава на Витанов во која тој вели дека грубо бил изманипулиран од централното раководство на ВМРО-НП, која до вчера ја поддржуваше СДСМ во Советот на Струмица.
„Поради несериозноста на централното раководство на ВМРО–НП давам отставка од партијата. Понатамошниот мандат во Советот на Општина Струмица ќе го водам како независен советник, поддржувајќи ја советничката група на СДСМ“, вели Витанов.