Србија и Александар Вучиќ назадуваат во однос на европските стандарди, нагласи Тонино Пицула, постојан известувач на Европскиот парламент за Србија.
Тој забележува дека во последните шест месеци, на улиците на српските градови се забележани масовни протести.
„Одговорот на Вучиќ не е нешто што треба да се поздрави. Србија назадува во однос на многу демократски индикатори и стандарди“, изјави Пицула, пренесуваат српските медиуми.
„Многу е важно европските институции внимателно да испитаат што се случува во Србија“, додаде тој.
Тој предупреди дека идејата за „српски свет“ е опасна и дека земјите од регионот кои се кандидати за ЕУ припаѓаат во Европската Унија, а не „во имагинарни проекти под капата на Србија“.
„Секој проект што има за цел промена на границите на сметка на соседите е опасен. Сега не мислам дека српското раководство е доволно способно или доволно подготвено да ги повтори грешките што Слободан Милошевиќ ги направи пред 30 години, но сепак, мора да останеме претпазливи и да испратиме јасна порака – не само до српскиот народ, туку и до народите на Западен Балкан – дека нивната иднина треба да биде во Европската Унија, а не во некој имагинарен „српски свет“, заклучи Пицула, и предложи Брисел да покаже со прст кон ваквите идеи и да ги спречи.