„Со новиот Предлог-закон на Владата, неправдата кон жените најпосле се исправа. Се бришат административните пречки (односно, задолжителното и пристрасното советување и тридневното чекање по советувањето) кои ја ограничуваа волјата на жените. Формирањето на Првостепената комисија е поместено од сегашната 12-та на 22-та фестациска недела од бременоста, со што се уважува репродуктивната слобода на жените“, со оваа порака Платформата за родова еднаквост го поздравува новиот Предлог-закон за прекинување на бременоста.
Се бришат сегашните барања на жените да приложуваат потврди во случаи на силување или неповолна социјална состојба, личните изјави на жените ќе бидат доволни за да здравствената установа ја даде бараната здравствена услуга.
Со десет кратното намалување на казните ќе им се врати достоинството на лекарите, ќе се подобри нивниот однос кон пациентките и ќе се подобри квалитетот на услугата. Воведувањето на абортусот со апчиња (т.н.медикаментозен абортус) ќе ја олесни процедурата, а со проширување на услугата на примарно ниво, абортусот ќе стане пристапен во поголем број на градови и населени места со што ќе се намалат патните трошоци за жените и нивните семејства.
Од Платформата за родова еднаквост велат дека законот може да биде уште подобар и бараат во законот да бидат вклучени нивните забелешки и бараат:
„1) Во најкус можен рок овој предлог – закон да влезе во собраниска процедура и да биде едногласно усвоен од пратениците и пратеничките на сите политички партии. Веруваме дека сите политичари и политичарки денес, особено оние од претходната власт, извлекоа поука од досегашното искуство дека демографски политики за раст на населението не се кројат со ограничување или забранување на абортусот, за што, впрочем, постојат и голем број научни докази и светски искуства.
2) Жените не смеат повеќе да ги трпат штетите од постојниот закон. Затоа бараме од сите пратеници и пратенички внимателно да ги разгледаат и дискутираат нашите забелешки сè со цел овдешниот здравствен систем да им обезбеди законски услови и на адолесцентките и на жените со одземена деловна способност да си го остварат уставно загарантираното право на здравје и да донесуваат одлуки согласно нивните потреби.
3) Токму затоа бараме во дискусиите и јавните расправи во Собранието да бидат вклучени и разни чинители, експерти и меѓународни организации сè со цел подобрување на текстот на Предлог-законот во интерес на здравјето на жените“, стои во соопштението.
Утре заменик -народниот правобранител Васка Бајрамовска- Мустафа ќе одржи прес- конференција на која ќе го промовира Извештајот од спроведеното истражување за прекин на бременоста на рана возраст и раѓање од страна на малолетни мајки, за периодот 2016-2017 година, со почеток од 11 и 30 часот, во канцеларијата на Народниот правобранител.
Изминатите години, на жените со законот за абортус тие требаа да минуваат низ низа процеси. Со тие одредби жените беа принудувани да да чекаат и да одат на задолжителни советувања, со што се кршеше правото на жената да одлучува. Минатата власт, која го донесе тој закон, водеше и пропаганда на главните медиуми со реклами со кои ги „советуваа“ жените да не го прават тој чекор.
А. Петровска
Фотографија во прилог на текстот: “Right to Selfdetermination” – Harald Schenker (exhibition “Hjumn Rajc”, Speak Up Project, CIVIL, 2012)