Една година по позитивната пресуда во случајот „Х против Македонија“ од Стразбург, според која Македонија е обврзана да донесе закон кој ќе им овозможи на трансродовите лица брза, брза, транспарентна и пристапна постапка за правно признавање на родот, државата сè уште го нема решено овој проблем.
„По овој случај државата треба да седне и во најбрза постапка да почне со подготвување на соодветно законско решение за правно признавање на родот. Во спротивно ситуацијата ќе биде онаква каква што беше и поради која што се доведовме пред Европскиот суд. Ќе има и други случаи кои ќе бидат оставени во таа лимбо ситуација, ќе бидат изложени на арбитрарните одлуки на чиновници, на административци и на управата, за кои постои можност повторно да ги прекршуваат правата и ќе треба да се ставаме во ситуации да ја даваме државата пред Европскиот суд што секако не и оди во полза, особено не на држава која што моментално аспирира да биде членка на ЕУ“, изјави тогаш Славчо Димитров од Коалицијата Маргини.
Случајот траел од 2011 година, каде што лицето било жртва на пинг-понг игри помеѓу различни институции во државава, а во целиот тој период лицето не можело да стигне до своите лични документи во коишто е признаен неговиот род и со кој би можел нормално да функционира во своето секојдневие и цел тој процес го изложувало на дополнителен стрес, траума, понижување во сите институции и каде би требало да прикаже лични документи.
Поради таквата ситуација која траела осум години, Коалицијата Маргини овој случај го дала пред Европскиот суд со барање за забрзана постапка и покрај тоа што во Македонија не биле поминати сите судски инстанци, како што во принцип налага праксата на Европскиот суд. Аргументите беа прифатени, случајот беше разгледан во забрзана постапка и судот утврди дека поради недостаток на јасно утврдена законска рамка државата го има повредено членот 8 од Европската конвенција за човековите права и слободи, односно правото на приватен и семеен живот каде се подразбира и родовото самоидентификување.
Во декември изминатата година Министерството за правда – Управата за водење на матичните книги – подрачно одделение Скопје, на лицето Икс повторно му достави решение со кое се прогласи за ненадлежно да ја промени ознаката за пол во матичната евиденција, со што ја погази пресудата против Македонија на Европскиот суд за човекови права.
Коалицијата тогаш потсети дека и покрај тоа што уште во 2011 година транс лицето доби одобрение од Министерството за внатрешни работи за промена на името и презимето во личните документи, Управата за водење на матични книги го одби неговото барање за промена на ознаките за пол и матичниот број. Од 2011 година сè до денес, случајот трипати се најде пред Управниот суд, при што Управниот суд во два наврати ја усвои тужбата на транс лицето, и ја задолжи Управата да донесе законито решение врз основа на домашното законодавство и праксата на Европскиот суд за човекови права, односно пресудата “Х против Северна Македонија”.
„Управата продолжува да се прогласува ненадлежна спротивно и на одлуката на Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен со која се потврдува дека токму Управата има надлежност да постапува во конкретниот случај, посебно имајќи предвид што досега Управата изврши промена во ТРИ други случаи“, реагираа од Коалиција Маргини.
Освен тоа што една година по оваа одлука државата нема сторено ништо по ова прашање, туку и се уште ја нема избрано новата Комисија за спречување и заштита од дискриминација, која би можела да работи на законските решенија за надминување на овој но и редица други проблеми со кои се соочуваат трансродовите лица.
За таа цел, Мрежата за заштита од дискриминација неодамна апелираше до Собранието на Република Северна Македонија да го избере новиот состав на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација пред вонредните парламентарни избори, односно, пред неговото распуштање кое е најавено за 11 февруари.
М. Ивановска