По веста дека 270 илјади евра ѝ биле дадени на фризерница за спроведување проект со пари од Европската Унија преку Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, на социјалните мрежи, преку својот Фејсбук профил, Лидија Димова ги обвини интернет порталот ‘А1он’ и новинарот Кристијан Ландов, за презентирање на еднострани и непроверени факти, без запазување на стандардите на професионално новинарство и објективно информирање на граѓаните.
https://www.facebook.com/100002306815098/posts/3340424616044399/
А1он.мк реагираа на овој пост на Димова, велејќи дека таа „на крајно непристоен начин се обидува да го релативизира истражувањето во кое се опфатени сите засегнати страни и запазени се сите новинарски етички стандарди.“
Дури и премиерот Зоран Заев повика Димова, веднаш да излезе пред јавноста и да ги презентира деталите во врска со распределбата на европските пари.
„Јас нема да дозволам да бидам рамнодушен ниту на сомнеж, ниту на евентуални злоупотреби. Затоа, ја повикувам директорката на Агенцијата Лидија Димова веднаш да излезе и на прес конференција да ги презентира целосно транспарентно сите детали во врска со начинот на распределба на средства од европските фондови наменети за образование и млади. Димова целосно и прецизно треба да ги адресира прашањата на кои реагира јавноста и за кои се јавува сомнежот“, изјави Заев.
Димова позитивно одговори на овој повик со закажување на прес конференција, утре во 11 часот.
„Во врска со написите, кои деновиве беа пласирани на повеќе портали, директорката на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, г-ѓа Лидија Димова ќе одржи прес-конференција. Ве покануваме да ја проследите прес-конференцијата, што ќе се одржи во вторник, на 13 октомври, во 11.00 часот, во просториите на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност“, се вели во соопштението од Агенцијата.
Б. Ј.











