пишува: АРБЕН ЗЕЌИРИ
Секој што не верува во геополитика и ја нарекува теорија на заговор, нека престане тука и да не чита подолу.
Неколку пати сум пишувал за лажни вести и инвазии на проруски структури во нашата земја и околината. А многу европски и светски медиуми алармирале и за пошироки операции. Во новата ера се враќа специјалната војна која не убива луѓе, но уништува животи, влади, држави, народи и менува геополитички околности.
Повеќе од јасна станува руската операција особено на Балканот, а со посебен акцент на Албанија и Северна Македонија, земји кои се чекор пред добивање датум за преговори со ЕУ, а нашата земја и пред официјално членство во НАТО. Проруските структури во Северна Македонија имаат и свои медиуми, портали, НВО, па дури и политички движења.
Операцијата со лажни вести и со таканаречени прислушувани материјали допрва ќе се интензивира. Кој не ја сфати озбилно ситуацијата и не преземе конкретни мерки во координација со САД и ЕУ, скапо ќе ја плати цената. Благодарение на оваа специјална војна и на лажните вести во Грција веќе успеаја да ја вратат на власт десницата и да ги охрабрат екстремистите.
Во Албанија, опозицијата која, по сè изгледа, е дел од таа спрега, веќе јавно почна да го користи речникот на Груевски против Сорос, а со тоа и против западот. Таму, САД и ЕУ јасно го поддржуваат премиерот Еди Рама како единствена надеж за спас на Албанија од проруската мафија и олигархија.
Во Северна Македонија сценариото започна многу одамна. Според сите индикатори, дел од оваа машинерија било и масовното прислушување со цел собирање на што повеќе компромитирачки материјал и уценување на прозападните структури во земјава. Но, за нивна несреќа, тие материјали најпрвин паднаа во вистинските раце и се вратија како бумеранг на сценаристите. Потоа, се обидоа со 27 април, па и тоа пропадна. Сега искористувајќи исти методи, но со други техники и актери почнува нова офанзива. И ова, третото, е последица на потценување на овие структури од институциите и официјалната политика која владее во земјава.
Згрешија тие што мислеа дека со промена на власта се предадоа тие структури. Што е полошо главните актери сè уште продолжуваат да грешат со поддржување во нивните редови на луѓе кои директно и индиректно, наивно и намерно, им служат на тие структури.
Власта треба итно да преземе две крупни мерки: Да ги расчисти институциите од луѓе кои и во време на режимот, а и сега, се блиски со руските структури и да седнат со западните пријатели и да организираат координирана контра операција против овие деструктивни сили и сценарија.
Во спротивно тие ќе победат!