Влада
Вчера попладне Владата го промовираше Планот 18 кој е продолжување на Планот 3-6-9 за итните реформски мерки за приближување кон ЕУ.
Правосудниот систем, безбедносно-разузнавачките служби, јавната администрација и борбата против организираниот криминал и корупција, се приоритетните предмети на реформските мерки.
На претставувањето пред новинарите премиерот Зоран Заев, вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, министерката за правда Рената Дескоска и министерот за администрација Дамјан Манчевски зборуваа за реформите од Планот 18 кој беше усвоен на владина седница минатата недела.
Собрание
Денеска Комисијата за мандатно-имунитетни прашања се гласаше за одземање на пратеничкиот имунитет на пратеникот Никола Груевски, врз основа на добиено известување од судот дека пратеникот е осуден на две години затвор. „За“ гласаа пет члена на Комисијата од парламентарното мнозинство.
Пратениците на ВМРО ДПМНЕ ја напуштија Комисијата, откако пратеникот Трајко Вељаноски обвини дека се работи за монтиран политички процес.
Препораката за одземање на мандатот на Никола Груевски ќе биде испратена до Собранието на Република Македонија, каде што треба да се изгласа со двотретинско мнозинство.
Собраниската Комисија за уставни прашања денеска ќе ја започне расправата за четирите нацрт-амандманите на Уставот согласно Договорот од Преспа, која треба да трае 12 дена. Пленарната седница претседателот на Собранието Талат Џафери, кој истовремено е и претседател на Комисијата, ја закажа за 1 декември.
Судења
Во Кривичниот суд денеска продолжи судењето за предметот „Титаник“, на Специјалното јавно обвинителство.
На минатото рочиште во судницата беа пуштени педесетината снимки.
Денешното рочиште за предметот „Тотал“ е одложено поради отсутност на претседателот на судечкиот совет. Новото судско рочиште е закажано за 21 декември во 10 часот.
На денешното рочиште беше присутен обвинетиот Драган Павловиќ Латас и неговите бранители.
Здравство
Министерството за здравство го објави текстот на новиот предлог-закон за прекинување на бременоста во кој се вели дека тоа е посебна медицинска интервенција за што слободно одлучува бремената жена.
Новиот предлог-закон следува пет години по носењето на рестриктивниот закон за прекин на бременоста кој беше донесен во 2013 година по брза постапка, без претходна консултација со експертската јавност, женските граѓански организации и останатите засегнати страни. Промената на овој закон во 2013 година беше една од низата мерки чија цел беше да се ретрадиционализира улогата на жената како мајка, односно истиот да влијае врз демократски политики т.е. наталитетот во државата, закон којшто го ограничи правото на жената до безбеден и сигурен абортус.
Д. Тахири