Во 1998-та година, македонската јавност го запозна како перспективен Министер за трговија кој стана препознатлив по медиумската кампања „Купувајте македонски произвоиди“ и рекламата со „Овцата на Миле“. Уште од тогаш започна да гради мит за себе како човек кој што ја сака Македонија…
Во 1999-та година, јавноста го виде во ново издание, како новиот Министер за финансии, кој што започна и заврши сериозни даночни реформи во државата. Во тој период неговото профилирање пред јавноста, како млад и перспективен кадар му беше најважно, па неговиот однос со медиумите и новинарите беше на најпрофесионално ниво.
Додека тој си градеше позиции за долгорочно градење на личен рејтинг, и пред членовите на партијата, но и пред граѓаните, без многу голема врева, во истото време поминаа аферите со Националната платежна картичка, АЛМАКО Банка, приватизацијата на Стопанска Банка, аферата со Македонска Банка, и спорната приватизација и продажба на Окта, за сума помала од онаа доколку би се продала како старо железо. Останаа голем број на сомненија за злоупотреби и во Министерството за Финансии во тоа време, но сето ова остана под тепих.
Можеби, ќе дочекаме некој ден, во своите мемоари, доколку решат да ги пишуваат, да ни кажат нешто повеќе за ова. Бранко Црвенковски и Петар Гошев. Можеби ќе ни ја откријат причината зошто ги криеја сите гнасотии за чудовиштето, а со тоа оставија простор да бидат измамени и оштетени најголемиот број граѓани на Република Македонија. Зошто не излегоа на ниту еден прес, додека чудовиштето градеше митови за себе и се претставуваше за чесен и способен?
Во периодот од 2002-ра, до 2004-та, доколку се направеше една ревизија на неговото работење, и доколку се обелоденеше барем еден скандал за неговото работење, ќе паднеше во вода митот за непогрешливиот Министер за финансии, кој што има капацитет да ја наследи партијата и да ја реформира државата.
Токму на овие карти, „успешниот Експерт за финансии, но и за реформи на институциите“ Никола Груевски, доби симпатии кај дел од делегатите на конгресот во Охрид, а пак другиот дел од нив, беа возени со кајчиња низ езерото и беа „убедени“ да гласаат за новиот Претседател на партијата.
Конечно, на конгресот во Охрид ја презеде партијата. Во тој период започна со себепромоција како човек кој што е хуман, чесен, дека ја сака Македонија, дека знае како да ги реформира институциите на системот. Тогашното членство на партијата, бевме вовлечени во однапред договорената игра помеѓу Груевски и Георгиевски. Тие одиграа и перфектно одглумија кавга, со што постигнаа повеќе цели во интерес на Груевски. Груевски беше претставен како про-ЕУ и про-НАТО, со што се постигна затоплување на меѓународните односи на партијата, после заладувањето на истите, во времето на предизбрната кампања во 2002-ра, кога Георгиевски маваше со дрва и камења и по НАТО и по ЕУ. Втората цел беше да се оттргне етикетата за криминализирана политичка партија, и после формирањето на ВМРО-НП, повлекувањето на сите осомничени и оцрнети ликови во таа партија, Георгиевски остави чист терен за создавање имиџ на проевропска модерна партија на Груевски, која што има сериозна цел и капацитети да ја реформира државата, со посебен акцент на борба против корупцијата и зајакнување на економијата.
Груевски умешно ја искористи можноста, па освен чесниот дел од партиското членство, успеа да ја добие довербата и од независни експерти во повеќе области, со што, пред изборите во 2006-та година успеа да создаде впечаток дека освен добра програма, има и кадровски капацитет за спроведување на истата. На тој начин доби поддршка и од политички неопределени граѓани.
Во 2006-та година освои победа на парламентарните избори со програмата „Преродба во 100 чекори“. Со седнувањето на премиерската позиција, започна агресивна медиумска кампања со негово профилирање во очите на јавноста како првиот премиер кој што се залага за борба против организираниот криминал, борба против корупцијата и владеење на правото. Во тој период се сменија редица закони, не се жалеа средства за зајакнување на капацитетите на институциите, забрзано се правеа реформи согласно ЕУ стандардите… Државата се подготвуваше за влез во НАТО во 2008-та година на самитот во Букурешт! После неуспехот во Букурешт, распиша предвремени парламентарни избори, кои ги доби со огромна и убедлива победа на која што освои повеќе од просто парламентарно мнозинство.
Од таа 2008-ма година, го покажа вистинското лице, прво кон партиските функционери, а потоа и кон членството. Се започна со креирање на двојни стандарди и инсталирање на паралелни системи во институциите. Тогаш се удрија темелите на заробената држава. После тие избори, најголемиот дел од членовите на тимот кои што го донесоа на власт, почна да бидат прераспоредувани на други функции или позиции. На првите 100 места во државата, во периодот од 2008-ма до 2010-та година, беа донесени сосема нови луѓе, кои немаа врска ниту од идеологија, ниту од партија, ниту од заложбите за ЕУ и НАТО, а ветувањата за борба против корупцијата некои од нив можеби ги слушнале некаде на телевизија… Ја постигна целта. АПСОЛУТНА ВЛАСТ! Законодавна, Извршна, Локална, Судска, и се останато во државата. А во партијата го смени статутот со што стана султан!
Но, за да стигне до овде, повторно на неколку пати има поддршка од Георгиевски, а постојат информации дека за изборите во 2006-та му е помогнато и од Бранко Црвенковски. Георгиевски во 2006-та година водеше млитава кампања со многу грешки и саботирање на потенцијалот на кандидати за пратеници од типот на Спиро Мавровски и многу други. Доколку играше чесно, ќе освоеше повеќе од 15 пратеници, на сметка на Груевски, и ќе му ја отежнеше можноста за формирање на влада. Но, и покрај тоа што како демек скарани, пратениците од ВМРО НП, гласаа и го подржуваа Груевски во континуитет во сите важни моменти во собранието. Во 2008-ма година, ВМРО НП воопшто не излезе на избори со смешниот изговор дека се успале и го пропуштиле терминот за поднесување на листи.
Во 2011, Георгиевски го минираше коалицирањњето на ВМРО-НП со Обединети за Македонија и Достоинство, со што во бунар пропаднаа околу 70.000 гласови од една страна, а од друга страна Бранко Црвенковски истрча пред време да честита победа и покрај ситуацијата што имаше спорни повеќе од 300 записници, а Љубе Бошковски најавуваше прес со вреќи докази за изборен фалсификат! Бранко ги призна изборите, а утредента Љубе беше уапсен.
Од таа 2011 започна мракот. Започна режимот. Се затвори А1 телевизија, започнаа политички монтирани процеси, уцени, закани, терор.
И покрај ваквата црна слика, пропагандата јаваше на бел коњ! Ликот на диктаторот беше идеализиран на сите медиуми! За него се пееја песни, а некои граѓани ставаа тетоважи со неговиот лик на своите тела. Некои пратеници и функционери децата си ги крстеа со неговото име!
Идолопоклонството зема таков замав, што и тој самиот се изгуби во својата моќ!
Ниту можеше, ниту знаеше да се носи со сета таа слава и моќ!
Затоа и направи серија грешки, кои што го донесоа до таму каде што е. Од најмоќен човек во државата, ја изгуби премиерската позиција, па претседателската позиција во партијата, па стана обвинет, и на крај осудено лице. Големиот груевски стана осудено лице за едно дело, и осомничен за уште редица дела…
Но тоа не е се!
Поранешниот најмоќен човек во државата, за да побегне од органите на прогонот, ПРЕПРАВЕН ВО ЖЕНА, под женски фустан, и нашминкан како за на ромски унгарски циркус, побегна во Унгарија! Подготвен со документи, очајникот бара азил! КОЕ ДНО! КАКОВ КРАЈ!
П.С.
Сите оние кои што му помогнале на чудовиштето, во патот до зенитот на неговата слава и моќ, а знаеле за неговите гнасотилаци и криминогени активности уште од времето од 1998-ма до 2002-ра година, треба да знаат дека имаат морална одговорност што помогнале директно, или пак со премолчување помогнале индиректно, да се развие едно гадно чудовиште, коешто остави цунами зад себе. За подземните политички преговарања и договарања ќе покаже времето, но едно да се разбереме, помина рокот на таквиот вид политичари. Македонија оди напред, кон ЕУ и НАТО, се санираат последиците од цунамито, и секој од нас мора да даде придонес во градењето на силна и просперитетна Македонија која што ќе биде дом за сите нас, без разлика на нашата припадност.
(Ване Цветанов, екс-директор на Агенцијата за спречување на перење на пари, подоцна обвинет во судско-полицискиот случај „Шпион“, сега лидер на невладината „Зелена лупа“.)
ЗАБРАНЕТО И ЗА ДЕЛУМНО ПРЕЗЕМАЊЕ ПРЕД 12 ЧАСОТ
Преземање на содржините НЕ Е ДОЗВОЛЕНО, освен со писмена дозвола од ЦИВИЛ. Повредата на авторските права е забранета со закон.
Услови за користење, авторски права и заштита на приватноста
Врз основа на договор за соработка, оваа содржина е достапна за Плусинфо и Слободен печат без ограничувања.