Поддржувачи на поранешните команданти на Ослободителната војска на Косово најавија масовен протестен марш во Скопје на 13 декември, на плоштадот „Скендербег“. Настанот, кој следи по протестите во Хаг, Приштина, Тирана и Стразбур, го организираат ветерани и здруженија што бараат „правда за обвинетите во Хаг“.
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, на Фејсбук јавно ги повика граѓаните да се приклучат на протестот, наведувајќи дека, како што рече, „гласот за правдата мора да се слушне и во Скопје“. Во неговата објава Ахмети ја истакна поддршката за ОВК и порача дека „слободата не се суди, туку се брани“, алудирајќи на судскиот процес против косовските лидери. Според него, поддршката што доаѓала од Приштина и Тирана ќе продолжи и во Скопје, а протестот го нарече „дел од борбата за вистината“.
„Правдата за борците за слобода не може да се гради врз политички обвинувања, измислици и измислени докази од страна на Србија и Русија. Како што стоевме рамо до рамо со борците на ОВК во Приштина и Тирана, така ќе стоиме и во Скопје, горди, решителни и непоколебливи во одбрана на нашата вистина, објективната вистина“, истакна Ахмети.
Премиерот Христијан Мицкоски, кој претходно го повика Ахмети да се откаже од протестот, оцени дека ваквиот чекор ќе го изолира лидерот на ДУИ на политичката сцена. Тој тврдеше дека протестот е мотивиран од внатрепартиски пресметки пред конгресот на ДУИ и предупреди дека ваквите потези можат да создадат дополнителни тензии. Тој додаде дека не очекува поддршка за протестот од коалициската групација „ВЛЕН“, ниту пак позитивен сигнал од меѓународната заедница.
Здружението на ветераните на ОНА, кое исто така најави учество, посочи дека протестот во Скопје ќе биде петтиот по ред собир за поддршка на обвинетите поранешни лидери на ОВК.
Настанот е закажан за 13 декември во 13 часот, со најавен марш кон плоштадот „Скендербег“.











































