Црна Гора од 1 ноември ќе воведе задолжителни визи за државјаните на Русија, Белорусија, Кина, Турција и Саудиска Арабија, со што целосно ќе ја усогласи својата визна политика со онаа на Европската Унија – една од клучните обврски во пристапните преговори за членство.
Одлуката произлегува од измените на Уредбата за визниот режим, усвоени од Владата на Црна Гора на 23 јули. Според Министерството за надворешни работи, со овој чекор земјата исполнува едно од завршните мерила за затворање на Поглавјето 24 („Правда, слобода и безбедност“), како и една од обврските од Реформската агенда, со што се отвора можност за повлекување околу четири милиони евра од Планот за раст на Европската Унија за Западен Балкан.
Новите мерки предизвикаа остра реакција од Москва. Руската амбасада во Подгорица оцени дека одлуката претставува доказ за, како што наведува, зависноста на црногорската надворешна политика од надворешно влијание и предупреди дека таа ќе има негативни последици врз билатералните односи, економската соработка и туризмот. Според руската страна, Русија го задржува правото да одговори со соодветни мерки.
По ваквите изјави, Министерството за надворешни работи на Црна Гора го повика рускиот амбасадор на разговор, оценувајќи дека коментарите со кои се доведува во прашање независноста на црногорските институции се неприфатливи и не се во духот на дипломатската комуникација.
Одлуката ја илустрира определбата на Црна Гора да ги исполни критериумите за членство во ЕУ, и покрај можните економски последици, особено во туристичкиот сектор, каде што руските туристи традиционално имаат значително учество.
ЦИВИЛ Медиа Деск
Црна Гора од 1 октомври воведува визи за руски државјани во рамки на усогласувањето со ЕУ












