Првиот рок за приговори до Државната изборна комисија за постапката на гласање завршува вечерва во 21 часот, а за вториот рок за приговори за сумирањето и утврдувањето на резултатите, политичките партии ќе можат да се жалат до утре(сабота) во 19 часот и 30 минути. ДИК има рок од 72 часа да одлучи по приговорите.
До сега до Државната изборна комисија се поднесени пет приговори за неважечки гласачки ливчиња, и тоа од партиите Демократи( два приговори), СДУ, МОРО и Интегра.
Државната Изборна Комисија по поднесен приговор може да го поништи гласањето на одредено гласачко место, а повторното гласање се одржува 14 дена од денот на првото гласање.
ДИК со задоцнување вчера ги објави неофицијалните конечни резултати од изборите поради, како што изјави претседателот, хакерски напад на веб-страната на Комисијата.
Предвремените парламентарни избори се одржаа под посебни услови поради пандемијата со КОВИД -19. Се гласаше во понеделникот кога се изјаснуваа лицата со КОВИД -19 и во самоизолација, во вторникот кога гласаа болните, изнемоштените и хронично болните и затворениците и во средата кога беше изборниот ден.
Според првичните резултати од ДИК, на предвремените парламентарни избори што се одржаа на 15 јули, победи коалицијата „Можеме“ -СДСМ -БЕСА со 46 мандати, опозициската ВМРО-ДПМНЕ 44, ДУИ освои 15 мандати, Алијансата на Албанците и Алтернатива 10, Левица 2 и ДПА 1 мандат.
Дел од партиите учесници на изборите се пожалија на нерегуларности и грешки во сумирањето на резултатите и најавија дека ќе поднесат приговори до ДИК и другите надлежни институции.
Д.Т.