ВЕСТ НА ДЕНОТ
Поевтинува струјата за домаќинствата во прв и втор блок, како и за малите потрошувачи
Струјата за домаќинствата во првиот и во вториот блок од 1 јануари се намалува, а се зголемува во третиот и четвртиот блок. Намалување има и на цената за малите потрошувачи, соопшти денеска на прес-конференција претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимоски.
Цената на електрична енергија кај домаќинствата за прв блок се намалува за 4,11 проценти, за втор блок за 2,95 проценти, на третиот блок се корегира и се зголемува за 0,85 проценти, а за четвртиот се зголемува за 7,65 проценти. Според Бислимовски, од 1 јануари, 99,2 проценти од домаќинствата во државата ќе имаат намалени цени на електрична енергија.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
„Менаџирањето во судството не едноставна работа, но мора да има баланс до каде се процесните права на странките во постапките, а од каде е злоупотребата… во моментов сите сме сведоци дека институтот на застареност, практично се реафирмира… се работи на нов Кривичен законик, каде работат на оваа проблематика да нема релативна застареност… Едно од решенијата е тоа. Второто решение. Не може адвокатите да им забраниме во реализација на процесните права, но мора да направиме дистинкција до каде е примена на процесно дејство, а од каде е злоупотреба, изјави министерот за правда Никола Тупанчески, на денешниот брифинг со медиумите.
ВОЈНА ВО УКРАИНА
Канцеларијата на Високиот комесаријат за човекови права на ОН (ОХХР) евидентираше 17.831 цивилна жртва во Украина до 26 декември, вклучувајќи 6.884 убиени и 10.947 повредени од почетокот на руската инвазија.
Украинското Министерство за надворешни работи остро го критикуваше унгарскиот премиер Виктор Орбан за неговата изјава дека војната во Украина ќе заврши ако престане да се испраќа оружје во таа земја.
ФЛЕШ ВЕСТИ
ЗАГАДУВАЊЕ Препораките и мерките коишто беа воведени поради аерозагадувањето во Скопје се укинати, а од денеска не важи и одлуката за бесплатен јавен градски превоз.
ЗАКАНА СО БОМБА Кривична пријава за тероризам против тетовец за лажна пријава за наводно поставена бомба. „На 17.12.2022 од својот мобилен телефон, пријавениот С.Ѓ. се јавил во ОВР Делчево, при што лажно се претставил и пријавил дека на повеќе локации во градот има поставено бомби, соопштија денеска од МВР.
СТУДЕНТИ ЈСП ги потсетува корисниците на студентски годишен билет за бесплатно користење на јавен превоз дека неопходно е да го продолжат/заверат билетот за 2023 година, доколку сакаат да користат бесплатно јавен превоз и во текот на наредната година.
БУЏЕТ Град Скопје го донесе Буџетот за 2023 година тежок 115 милиони евра од кој се одвојуваат значителни средства за субвенции на социјално ранливите категории граѓани и дека продолжуваат програмите за субвенции за граѓаните кои биле актуелни и во оваа година.
СУДСТВО „Верувам дека довербата на граѓаните во Уставниот суд е зголемена, изјави на денешната завршна прес-конференција претседателката на Судот, Добрила Кацарска. Претставувајќи го работењето на Судот во текот на 2022 година, таа посочи дека годинава се одржани вкупно 42 седници и 130 решени предмети.
ЕНЕРГЕТИКА Топланите во Скопје и поголемите производствени капацитети ќе продолжат да работат на природен гас. Енергенсот ќе се набавува од бугарската компанија „Balkan Utilities“ за што вчера ЕСМ Продажба потпиша договор.
ЦИВИЛ
„Перспективи 2023“ е специјален мултимедијален и медиумски прилог кој тимот на Цивил и интегрираната редакција на ЦивилМедиа го организира од 2017 година. Извонредно богатство од изјави, интервјуа, анализи и ставови се собираат, на едно место, на крајот од декември и почетокот на јануари секоја година. На тој начин, Цивил дава придонес кон општествено политичкиот дијалог во земјата и ги одредува главните насоки, препораки и прогнози за годината пред нас, а воедно дава оценка и за годината што ја оставаме зад нас.
Откривањето на македонските, регионалните и светските „Перспективи 2023“ започнува в четврток, 29 декември, со истоимениот онлајн настан на Цивил, со почеток во 11 часот. За 100 минути, пред камерите на ЦивилМедиа ќе се појават најмалку 12 учеснички и учесници кои во динамичната агенда ќе добијат по 2-3 минути да ја оценат годината зад нас и да ги претстават своите прогнози за перспективите во текот на претстојната 2023 година.
СЛБОДНА ЗОНА
„Драмолетката со караниците помеѓу партијата на шпицниот градоачалник со „октроисаната“, а сега божем одметната градоначалничка, во која се фрлаа дрва и камења, меѓусебно се обвинуваа кој украл повеќе, кој бил по неспособен, по патетичните жалопојки и каењето за дадената поддршка, блокадите на градот од страна на партиско-русофилските измеќари, до обвинувањата за божемна коалиција помеѓу нивната доскоро обожувана „мајка на градот“ и СДСМ, сето тоа одеднаш, преку ноќ, како да имаат меморија на златна рипка, сé заборавија за што побрзо заеднички да го изгласаат Буџетот за Град Скопје за 2023 година…“, пишува Драган Мишев во колумната „Држете го крадецот… повика ВМРО-ДПМНЕ ишкајќи си ја мувата од капата“
Б. Јордановска












