„Перспективи 2023“ е специјален мултимедијален и медиумски прилог кој тимот на Цивил и интегрираната редакција на ЦивилМедиа го организира од 2017 година. Извонредно богатство од изјави, интервјуа, анализи и ставови се собираат, на едно место, на крајот од декември и почетокот на јануари секоја година. На тој начин, Цивил дава придонес кон општествено политичкиот дијалог во земјата и ги одредува главните насоки, препораки и прогнози за годината пред нас, а воедно дава оценка и за годината што ја оставаме зад нас.
ДВЕ ПРАШАЊА
И оваа, шеста година по ред, „Перспективи 2023“ ќе ги обедини ставовите и оценките на релевантни претставници на граѓанското општество и медиумите, аналитичари, јавни личности, и креатори на политиките и практиките за најважните прашања во изминатата и перспективите за претстојната година. Тие одговараат на две, навидум едноставни прашања:
- Како ќе ја оцените годината што изминува?
- Кои се перспективите во претстојната година?
ВРЕМЕ: ЧЕТВРТОК, 11 ЧАСОТ, ОНЛАЈН, 100 МИНУТИ
Откривањето на македонските, регионалните и светските „Перспективи 2023“ започнува в четврток, 29 декември, со истоимениот онлајн настан на Цивил, со почеток во 11 часот. За 100 минути, пред камерите на ЦивилМедиа ќе се појават најмалку 12 учеснички и учесници кои во динамичната агенда ќе добијат по 2-3 минути да ја оценат годината зад нас и да ги претстават своите прогнози за перспективите во текот на претстојната 2023 година.
Настанот ќе биде емитуван во живо, на видео каналот Youtube и на Фејсбук страницата на Цивил.
ПОКАНЕТИ ПОВЕЌЕ ОД 30 УЧЕСНИЦИ
Деновиве, Цивил испрати покани до повеќе од 30 релевантни претставници на политичкиот, општествениот, економскиот и културниот живот, да учествуваат во „Перспективи 2023“ во видео и текстуален формат.
СИТЕ ЗАИНТЕРЕСИРАНИ МОЖАТ ДА УЧЕСТВУВААТ
Од Цивил соопштуваат дека сите заинтересирани можат да испратат свој прилог во видео или текстуален формат во кој ќе ги изнесат своите ставови и оценки за изминатата 2022 година и перспективите во 2023 година. Прилозите можат да се испратат на [email protected].
Следете го ЦИВИЛ