ДЕХРАН МУРАТОВ
Речиси пола Влада се истопори во Вашингтон на инаугурацијата на Доналд Трамп. И сета таа ескурзија ја нарекоа „работна посета во САД“. Нема официјален податок кој е на списокот на „работната посета“, но според фотографиите што ги гледаме и пред сè кога самите се фалат дека „сите патишта водат во Вашингтон“ може да се заклучи дека дел од македонската владина елита е во залет да се покажат дека се поголеми Американци од Американците.
Премиерот Мицкоски ја следел инигурацијата на Трамп од, замислете, ВИП ложа. Тоа ти е практично како на пример, кај нас настанот да е официлајно во Влада, а тој да го следи на ТВ од вип ложата од салата „Борис Трајковски“. ПР службите се обидеоа да нè убедат дека премиерот Мицкоски е најбитниот премиер во регионот, оти бил единствениот премиер од регионот итн. Нормално дека вистински лидери нема да се брукаат да седат во исто друштво со најтврдокорните поддржувачи на Трамп, па макар и да имаат вип седиште и пијалок во пластична чашка. А уште помалку да ги трошат парите на граѓан(к)ите за неефективни патувања.
И министерот за животна средина Изет Меџити исто така е во САД, додека Скопје е на врвот на најзагадени градови во светот.
Министерот за здравство Арбен Таравари исто така се пофали дека од вип ресторанот на Капитол ја следел инаугурацијата на Трамп, додека во нашата држава има неколку деца починати во болниците под сомнителни околности. На крај од денот, прашањето е во која улога министерот за здравство е во САД? Освен ако не се грижи за здравјето на владината делегација.
За посетата на претседателот на Собранието, Африм Гаши и Зекирија Ибрахими воопшто не треба да се коментира. Како и за присуството на Тимчо Муцунски, Викторија Трајков, Владимир Неловски и други.
Со посетата во САД, очигледно е дека во коалицијата ВЛЕН се води внатрепартиска битка кој е главен меѓу главните.
Како и да е, македонските функционери набрзо ќе се вратат од САД и ќе се разбудат од „американскиот сон“, па ќе треба да се позанимаваат со загадениот воздух, со здравството, со образованието, со корупцијата, со поскапената храна и пијалоци…