Во Кабинетот на Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, денеска се одржа лидерска средба на која присуствуваа претседатели и претставници нa парламентарните политички партии од власта и од опозицијата, каде е постигна консензус дека предвремените парламентарни избори закажани за 12 април, поради состојбата со коронавирусот, COVID-19 треба да се одложат.
На средбата од СДСМ присуствуваа Зоран Заев и Љупчо Николовски, од ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и Гордана Силјановска-Давкова, од Алијанса за Албанците, Зиадин Села и Арбен Таравари, од Алтернатива, Африм Гаши и Скендер Реџепи, од Движење Беса, Билал Касами и Арјанит Хоџа и од ДПА, Орхан Ибрахими и Фрумзим Даути.
„Здравјето и безбедноста на граѓаните немаат цена и за нас се на прво место. Како одговорна партија сите наши капацитети ги ставаме на располагање на заштитата на граѓаните. Согласно анализите и проекциите за економските последици подготвуваме сет на мерки за помагање на економијата. Уште еднаш сакам да им се заблагодарам и изразам почит на сите кои се борат со овој вирус. Верувам дека ќе успееме да се избориме со овој предизвик како што сме се избориле со другите предизвици. Денеска дадовме право на претседателот Пендаровски да свика експертска група да најде правно формално решение за одложување на изборите и распишување на новите избори. Верувам дека ќе се најдат и правните формулации, исто тката верувам дека институциите ќе најдат начини за прогласување вонредна ситуација“, изјави Зоран Заев по лидерската средба.
Лидерот на Движењето Беса, Билал Касами, истакна дека за нив здравјето на граѓаните е поважно од изборите или од тоа кој ќе победи на истите.
„Среќни сме што и другите политички партии се со став дека засега пред се, треба да мислиме на здравјето на граѓаните и на нашите семејства и на сите други што за коишто сме тука да ги претставуваме, изјави Билал Касами, лидерот на Движењето Беса по лидерската средба кај претседателот Пендаровски.-Затоа, денес, едногласно се согласивме сите политички партии кои бевме присутни овде, дека засега нема услови да се организираат слободни и демократски избори“, истакна Касами.
Зијадин Села изјави дека институциите секогаш можат да прават повеќе. Тој упати апел до Владата да бидат внимателни со кризните жаришта на корона вирусот во Дебар и околината.
„За Алијансата на Албанците една од целите за водење политика е безбедноста на граѓаните во ситуација кога се загрозува здравјето на граѓаните, без здравје не може да има безбедност. Заради ова ние ја прифативме поканата на претседателот, се договоривме да се одложат изборите, а формата треба да ја најдат експертите по уставно право.. Ценам дека ситуацијата треба да се земе сериозно од граѓаните“, изјави Села.
„Убедени сме дека земјата се наоѓа во деликатна состојба и затоа побаравме да се прогласи вонредна состојба“, изјави Орхан Ибрахими, потпретседателот на ДПА по лидерската средба кај претседателот Пендаровски.
Христијан Мицкоски изјави дека лидерите биле едногласни во одлуката за тоа дека дравјето и безбедноста на граѓаните се пред се и оти е неопходно да се одложат претстојните параламентарни избори.
Според него, останува да се најде правен начин како тие да се одложат без да се повредат Уставот и законите, а за тоа, рече, правни експерти попладне ќе се состанат со претседателот Стево Пендаровски и ќе дадат мислење. Тој смета дека нема правен основ да се свика повторно Собранието и оти затоа треба да се бараат други начини.
Ангела Петровска