Полицијата, која во голем број беше присутна во Градскиот трговски центар попладнево, од засега непознати причини си заминала без да влезе во подрумските простории на Градскиот трговски центар за каде имаше информации дека се поставени т.н. ригови за „копање“ на криптовалути, објави ТВ21.
Според првичните информации, „копањето“ се вршело на нелегален приклучок на струја.
Според ТВ21, пред самиот влез во магацинските простории, паркирано е комбе кое на тоа место стои повеќе од една година и е на некој начин маскирано. Неофицијално, во случај на полициска акција, било планирано машините да бидат внесени во комбето со цел да не бидат запленети.
Од надворешниот дел, кај улицата, поставена е и посебна вентилација за исфрлање на топлиот воздух од просториите, а поставени се и посебни камери кои гледаат кон улицата каде што се влегува во просториите.
Од МВР за ЦИВИЛ Медиа изјавија дека набрзо ќе излезат со подетални информации за полициската акција.