„За разлика од пред 4 години, сега струшката депонија се управува попринципиелно и поримерно од страна на Јавното Комунално претпријатие во Струга. Депонијата за жал сè уште е на истото место и сега е планина од земја, бидејќи по одредено време ѓубрето слоевито се покрива со едно метро земја и така постојано се повторува тој процес за да не се запали намерно или ненамерно поради топлото време. Сега има чувар и рампа со што се контролира депонијата“, вели во разговор за ЦИВИЛ Медиа, стружанецот Јаков Попоски, со кого разговаравме пред 4 години кога беше дел од сега веќе згаснатата граѓанската иницијатива „Доста“ од Струга.
„Она што останува како проблем е самото постоење на депонијата во плодно поле кое жал се поретко сè обработува за земјоделски цели. Местото на депонијата не и е таму, иако денес не претставува проблем и опасност како пред 4 години“, вели Попоски.
Тој додава дека пред две години имаше обид од ценралната власт да направат 5 регионални депонии, но тој обид заврши неуспешно бидејќи жителите не доаволуваа да се прават депонии во нивните општини.
„Мислам дека тој обид заврши неуспешно бидејќи не им се објасни добро на граѓаните дека нема опасност од професионална регионална депонија која ќе биде во нивната општина, затоа што тие депонии ќе бидат места каде ќе се одложува и обработува отпадот без никакви лоши влијанија по животната средина. Не знам дали и сега има таков обид да се направат тие регионални депонии, но она што го знам е дека местото на оваа депонија во Струга не и е таму. Треба да се дислоцира депонијата од Струга ако претендираме да биде туристички град“, вели Попоски.