Дванаесетте пратеници од Иницијативата за една изборна единица бараат да бидат вклучени во процесот на измени на Изборниот законик, нагласува пратеничката од ДОМ Лилјана Поповска, претставник на иницијативата, на конференцијата за изборни реформи која ја организира ЦИВИЛ Центар за слобода.
„Како пратеници бараме да бидеме вклучени во процесот на измени на Изборниот законик. Побаравме средби со претседателот на СОбранието Талат Џафери и со најголемите политички партии. Сметаме дека како 10 проценти од Парлементот, имаме право да учествуваме во овој процес“, рече Поповска на Конференцијата за изборни реформи организирана од ЦИВИЛ.
Таа смета дека една изборна единица не е „скопјецентричен модел“.
„Секоја партија сака „добитна комбинација“ и ќе стави луѓе со кои ќе победи, без разлика од каде се. Локалното претставување ќе биде во локалната заедница, смета поповска, а за обезбедување гласови од секој дел од државата, партиите сами ќе кандидираат кандидати за пратеници од различни делови на државата“, вели Поповска.
Таа смета дека изборниот модел треба да биде без праг: колку има гласови една партија или група, толку кандидати да влезат во Собранието. Пропорционалниот изборен модел, според Поповска, бил подобар од претходниот, мнозински модел, но најголемиот недостаток е ограничувањето на листи на пратеници да обезбедат влез во парламентот доколку немаат концентрација во една изборна единица.
Игор К. Илиевски