• Latest

Популисти на власт

February 28, 2017
Фото: Фејсбук страница на Собрание на РСМ

Вработените во Инспекторатот за употреба на јазиците ќе ги добијат платите кога ќе се донесе Законот

June 2, 2025
Фото: Скриншот

Стармер: Британија преминува во воена подготвеност – зајакнување на НАТО и забрзан развој на воена технологија

June 2, 2025

ЕК за укрaинско-руските преговори во Истанбул: Украина одлучува за условите за мировните преговори

June 2, 2025

(ИЗБОР) Албански медиуми: Договорот помеѓу Албанија и Грција за Јонското море повторно на маса; Пензискиот договор со Италија ги гарантира правата на околу 500 илјади албански граѓани; Не успеа ниту 25-от обид з конституирање на косовското собрание

June 2, 2025
Фото: УНИЦЕФ

УНИЦЕФ: Децата и младите против врсничкото насилство и говорот на омраза на интернет

June 2, 2025
Фото: миа.мк

Нова рунда преговори Белград-Приштина во Брисел

June 2, 2025
Илустрација: ЦИВИЛ

Реформска агенда: „Жежок“ јуни за Македонија, ја чека многу работа за да ги добие парите од ЕУ

June 2, 2025

ГРАЃАНСКИ ФОРУМ (РЕАКЦИИ): Час поскоро преговори за членство во ЕУ, расчистување на криминалот, вработувања за невработени со факултет- и порачаа граѓаните на власта

June 2, 2025
Фото: Претседател на Украина

Зеленски, Руте и лидери од ЕУ во Вилнус: Фокус на НАТО и Украина

June 2, 2025
Фото: Скриншот од видео на 
CBS Mornings

Тајни сириски разузнавачки досиеја покажуваат дека исчезнатиот американски новинар бил затворен од режимот на Асад

June 2, 2025
CivilMedia
  • ДОМА
  • ВЕСТИ
  • ПОЛИТИКА
  • ИЗБОРИ
  • ОПШТЕСТВО
  • СЛОБОДНА ЗОНА
  • АНАЛИЗИ
  • РЕГИОН
  • СВЕТ
  • ВОЈНА ВО УКРАИНА
No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ВЕСТИ
  • ПОЛИТИКА
  • ИЗБОРИ
  • ОПШТЕСТВО
  • СЛОБОДНА ЗОНА
  • АНАЛИЗИ
  • РЕГИОН
  • СВЕТ
  • ВОЈНА ВО УКРАИНА
No Result
View All Result
CivilMedia
No Result
View All Result
Home ПОЛИТИКА

Популисти на власт

February 28, 2017 11:40
in ПОЛИТИКА
Share on FacebookShare on Twitter

„На популистите им е исклучително важно да кажат (или докажат) дека граѓанското општество воопшто не е граѓанско општество, и дека, иако тоа можеби личи на народна опозиција, нема никаква врска со вистинскиот народ“, пишува професорот Јан Вернер Милер во книгата „Што е популизам“, од која пренесуваме делови  од второто поглавје.  Според него, „популистите на власт продолжуваат да го поларизираат народот и да го подготвуваат, ни помалку ни повеќе, за некој вид на апокалиптичен судир кој самите го предизвикуваат“.

„’Мешавина’ е едно од значењата кои можам да ги видам во зборот ‘народ’; ако зборот ‘народ’ го замените со зборовите ‘број’ или ‘мешавина’, ќе добиете многу чудни термини… ‘суверена мешавина’, ‘волја на мешавината’ и така натаму“.
Пол Валери

„Сета моќ доаѓа од народот. Но, каде заминува?“
Бертолт Брехт

Сега би можеле да паднеме во искушение и да заклучиме дека популистите живеат во некаков свет на политичка фантазија; замислуваат дека се опозиција меѓу корумпираните елити и морално чистиот хомоген народ кој не може да направи ништо лошо; тој народ, чии симболички претставници се тие, го хушкаат да се спротистави на валканата политичка стварност во која сѐ уште не владеат. Зарем таквите фантазии не се осудени на пропаст?

Здравиот разум вели дека популистичките партии се пред сѐ протестни партии и дека протестот не може да владее, бидејќи не можеме да протестираме против самите себе (а кога политичките актери стануваат елита на власт, се покажува дека е невозможно да останат доследни на својот антиелитистички став). И, конечно, постои верување дека која ќе дојдат на власт, популистите на некој начин го губат својот ореол; харизмата се троши и ја губи својата привлечност во секојдневната парламентарна работа. Во склад со една претходна дефиниција на популизмот (по мое мислење, погрешна), би помислиле и дека набрзо ќе се открие дека нивните поедноставени рецепти не делуваат. Антиполитиката не може да создаде вистински политички програми.

Сфаќањето според кое популистите на власт мораат на овој или оној начин да пропаднат е утешително, но истовремено, е и илузија. Една од причините е во тоа што протестот против елитите не подразбира дека популизмот на власт ќе стане контрадикторен. Пред сѐ, за сите неуспешни влади, популистите и натаму можат да ги обвинуваат елитите кои дејствуваат зад сцената, без разлика дали се во земјата или во странство (тука, повторно ја гледаме не толку случајната поврзаност меѓу популизмот и теоријата на заговор). И кога ќе го победат противникот, многу популисти продолжуваат да се однесуваат како жртви; поголемиот дел се однесува како злоставувано малцинство. Чавез постојано укажуваше на мрачните махинации на опозицијата – официјално поразената „олигархија“ – која се обидува да го саботира неговиот „социјализам за дваесет и првиот век“. (Колку неверојатно и да делуваат овие обвинувања, одговорноста за секој неуспех на Боливарската револуција, може да им се припише на САД). Реџеп Таип Ердоган, исто така, се претставува како жртва која не се предава; тој секогаш ќе биде воинственото момче од опасниот истанбулски крај Касимпаш, кој храбро му се спротиставува на стариот Кемалистички естаблишмент на Турската република – иако одамна започна со преземање на целокупната политичка, економска и културна моќ.

Популистите на власт продолжуваат да го поларизираат народот и да го подготвуваат, ни помалку ни повеќе, за некој вид на апокалиптичен судир кој самите го предизвикуваат. Тие настојуваат што повеќе да го морализираат политичкиот конфликт (Чавез за Џорџ Буш говореше дека е ѓавол, а не се воздржуваше да го каже тоа и на светската сцена, односно на заседавањето на Обединетите нации). Непријатели никогаш не недостасуваат – и тие се секогаш непријатели на целиот народ. Во текот на генералниот штрајк кој во 2002 година го иницираше опозицијата, Чавез изјави: „Тука не се работи за тоа дали сте за Чавез или сте против него…, туку за тоа дека патриотите се против непријателите на татковината“.

„Кризата“ не е објективна состојба, туку работа на перцепција. Популистите подготвено ќе ја конструираат ситуацијата како криза и ќе ја наречат егзистенцијална закана, затоа што таквата криза понатаму е во служба на легитимизирањето на популистичкото владеење. Поинаку речено, „кризата“ може да биде режирана, а политиката претставена како израз на континуирана состојба на опсада. Ликовите како Чавез и Рафаел Кореа од Еквадор, сметаат дека владеењето е континуирана кампања – за волја на вистината, ваквиот став го наоѓаме и меѓу непопулистичките политичари. Сепак, Кореа оди неколку чекори понапред и својата улога на претседател ја конципира како улога на постојан „мотиватор“.

Популистите го комбинираат создавањето на тој постојан притисок со естетското производство на „блискост со народот“. Виктор Орбан секој петок се интервјуира сам себеси на унгарското радио; Чавез ја води познатата емисија „Alo, Presidente“ во која граѓаните се вклучуваат телефонски и му ги доверуваат своите грижи и маки на лидерот на земјата. Потоа, претседателот и присутните членови на Владата понекогаш даваат божем спонтани упатства во врска со проблемите кои ги чуле. (Чавез еднаш во живо на програмата му кажал да министерот за одбрана да испрати десет тенковски батаљони на колумбиската граница). Од време – навреме, тој пред камерите најавувал мерки за социјална заштита; емисијата понекогаш траела и по шест часа. Денес, Кореа и претседателот на Боливија, Ево Моралес учествуваат во слични сопствени ТВ програми.

Ваквата пракса може да се опише како необичен вид на политички фолклор или, всушност, како нешто што личи на односи со јавност, комуникација која во наше време стана задолжителна за сите политичари во таканаречената медиумска демократија или демократија за публика (во која граѓаните учествуваат во политиката пред сѐ, гледајќи ги моќниците). Меѓутоа, точно е и тоа дека популистите користат сосема одредени техники на владеење – и дека тие техники морално ја оправдуваат суштинската логика на популизмот. Популистите на власт неизбежно посегнуваат по аргументот дека се единствените морално легитимни претставници на народот и дека само некои луѓе, оној вистински, автентичен народ, заслужуваат поддршка и, конечно, добра влада. Таа логика може да се манифестира на три различни начини: како некој вид на колонизација на државата, како масовен клиентелизам или како она што политиколозите понекогаш го нарекуваат „дискриминациски легализам“, и, на крајот, како системско гушење на граѓанското општество. Ваквата пракса не е својствена само за популистите; тие се разликуваат по тоа што се во состојба ваквите работи да ги работат отворено. Популистите тврдат дека имаат морално оправдување за своето однесување и, барем што се однесува до меѓународната сцена, имаат добра шанса да ја зачуваат репутацијата на демократи. Разоткривањето на вистинската природа на нивната пракса не е ни приближно толку штетна за популистите како што се мисли, затоа што тие, едноставно, ќе тврдат дека го применуваат точниот концепт на демократија. Затоа, подетално ќе ги објаснам тие наизглед контраинтуитивни тврдења.

 Трите популистички техники на владеење и нивните морални оправдувања

 Првата техника се гледа во тежнеењето на популистите да ја „окупираат“ државата. Да се сетиме на Унгарија и Полска, како најнови примери. Една од првите темелни промени кои Виктор Орбан и неговата партија настојуваа да ја воведат беше промената на законот за државната служба, за да ѝ се овозможи на партијата да донесе лојални граѓани на бирократски места, односно, на места кои не би смеело да бидат партиски луѓе. И унгарскиот Фидес и полската Партија за права и правда (ПИП) на Јарослав Качиниски, веднаш презедоа мерки против независноста на судството. Постоечките судски процедури се променети и се именувани нови судии. Бидејќи досега во Полска се покажа дека е премногу тешко изменувањето на целиот систем, владеачката партија се задоволи со парализирање на судството, како второ прифатливо решение. Веднаш беа уапсени главните луѓе на медиумите; на новинарите им е даден јасен сигнал дека не смеат со своите извештаи да ги загрозуваат интересите на државата (кои се, секако, изедначени со интересите на партијата на власт). За Качински, кој одамна веруваше дека таинствена „мрежа“ ја поткопува неговата партија, од клучна важност е да ги стави под контрола и тајните служби. Секој кој критикуваше некоја од овие мерки, беше обележан како платеник на старите елити (кои популистите, тие вистински претставници на народот, конечно успеаја да ги сменат) или директно е наречен предавник (Качински велеше дека тоа се „Полјаци од најлош вид“ и дека „предавството им е во гените“). Крајниот резултат е дека политичките партии креираат држава по своја политичка волја и ја „обликуваат по свое“.

Секако, таквата стратегија која ја зацврстува или ја овековечува моќта не е резервирана исклучиво само за популистите. Тие се специфични по тоа што се во состојба – колонизацијата да ја спроведат отворено, при што се повикуваат на своето право на морално претставување на народот. Популистите луто ќе прашаат зошто народот не би можел да го преземе владеењето над сопствената држава преку своите полноправни претставници? Зошто оние кои ја поткопуваат вистинската волја на народот, во име на неутралноста на државните служби, не би биле елиминирани? Државата полноправно му припаѓа на народот; таа не смее да му се спротиставува на некаков туѓ апарат – народот не треба да биде нејзин вистински сопственик.

Другата техника на владеење се гледа во тежнеењето на популистите кон масовен клиентелизам; во понудата се материјални и нематеријални услуги во замена за масовна политичка поддршка. И повторно, ваквото однесување не е исклучиво обележје на популистите: многу партии ја наградуваат својата клиентела за излезност на изборите, иако малку од нив би отишле толку далеку како австрискиот ултрапопулист Јерг Хајдер, кој на улиците во Корушка, на „своите луѓе“ буквално им делел чекови од по сто евра. Некои набљудувачи сметаат дека, реално гледано, масовниот клиентелизам и раните облици на демократија се повеќе или помалку иста работа – затоа што клиентелизмот воспоставува извесен смислен политички реципроцитет и подразбира барем минимална доза на одговорност. И, повторно, популистите се разликуваат по тоа што се во состојба ваквите работи да ги прават отворено и со морално оправдување, затоа што за нив, само некои луѓе се вистинскиот народ, па, оттука, ја заслужуваат поддршката на државата која полноправно им припаѓа.

Слично на тоа, само некои луѓе можат да уживаат целосна законска заштита; кон оние кои не припаѓаат на вистинскиот народ или постои сомнеж дека работат против него, треба остро да се постапува. (Тоа е „дискриминацискиот легализам“, став кој гласи: „за моите пријатели – се, за моите непријатели – закон)

Некои популисти имаат среќа слободно да располагаат со средствата кои им овозможуваат да се впуштат во масовен клиентелизам и дури успешно да изградат цела една класа која ќе даде поддршка на нивниот режим. Чавез најголема корист извлече од нафтениот бум. Па така, и за режимите во Централна, и особено во Источна Европа, европските фондови на Европската унија се исто што и нафтата за некои арапски авторитарни држави: владите можат стратешки да користат помош за купување поддршка, или барем, за замолчување на граѓаните. Покрај тоа, можат да формираат општествени слоеви кои се сообразни со нивната претстава за идеален народ и лојален режим. Чавез створи „болибуржоазија“, слој кој просперираше на „Боливарската револуција“. Ердоган и понатаму има непоколеблива поддршка од анадолиската средна класа која изникна од економскиот бум настанат во текот на неговата Партија за правда и развој. (Таа средна класа ја отелотворува претставата за идеалниот Турчин, посветен муслиман, наспроти прозападните секуларни елити, од една страна, и малцинствата како што се Курдите, од друга страна). Унгарскиот Фидес создаде нова група која го комбинира економскиот успех, семејните вредности (раѓањето деца носи многу привилегии) и верската посветеност, и така создава една целина прилагодена на Орбановата визија за „христијанско-национална“ култура.

И повторно кажувам, колонизацијата на државата, масовниот клиентелизам и дискриминацискиот легализам се појави кои можат да се сретнат во многу историски ситуации. Сепак, во популистичките режими тие процеси се отворени и, со право можеме да претпоставиме, се спроведуваат со чиста совест. Оттука и необичнот феномен за обелоденување на постапките кои не можат да се наречат поинаку освен корупција, не нанесува штета врз угледот на популистичките лидери, онолку колку што може да се очекува. Се покажа дека Хајдеровата Партија за слобода и италијанската Северна лига се далеку покорумпирани од традиционалните елити кои беа предмет на нивните остри критики; па сепак, двете партии и ден-денес зајакнуваат (дотолку што Северната лига сега го зазема местото на партијата на Берлускони, како главна десничарска опозиција во Италија). Ердоган, самопрогласениот „Човек на нацијата“ им одолева на сите скандали поврзани со корупција. Очигледно е дека приврзаниците на популистите не мислат дека корупцијата и кронизмот се вистинскиот проблем, сé додека личат на мерките кои се преземени за „нам“, на моралните и вредни, а не за неморалните или дури и туѓите – „ним“, да ни биде подобро. Оттука, залудна е надежта на либералите дека треба само да се разоткрие корупцијата за да се дискредитираат популистите. Либералите мораат да покажат дека големото мнозинство нема никаква корист од популистичката корупција и дека, долгорочно гледано, недостатокот на одговорност, неделотворната бирократија и слабеењето на владеењето на правото, ќе му наштети на народот – на целиот народ.

Важно е да се воочи уште еден елемент на популистичките вештини на владеење. Популистите на власт се склони кон тоа да бидат остри (најблаго речено) кон невладините организации кои ги критикуваат. И повторно, малтретирањето па дури и гушењето на граѓанското општетсво не е практика која е карактеристична само за нив. Но опозицијата од редовите на граѓанското општество им создава на популистите еден посебен морален и симболички проблем: потенцијално го подрива нивното тврдење дека имаат право да бидат единствените морални претставници на народот. Затоа на популистите им е исклучително важно да кажат (или докажат) дека граѓанското општество воопшто не е граѓанско општество и дека, иако тоа можеби личи на народна опозиција, нема никаква врска со вистинскиот народ. Со тоа може да се објасни фактот зошто лидерите како Владимир Путин во Русија, Виктор Орбан во Унгарија и партиите како ПИП во Полска со сета сила се трудат да ги дискредитираат невладините организации обвинувајќи ги дека се под контрола на странски сили (и прогласувајќи ги за ‘странски агенти’). Тие, во извесна смисла, се обидуваат да создадат обединет (и пасивен) народ, во чие име ќе ја говорат вистината, бидејќи ги замолчеле или дискредитирале оние кои не се согласуваат со популистичкото толкување на народот (а понекогаш, и ги поттикнуваат да ја напуштат земјата за да ги одвојат од народот). Поинаку речено, владата на ПИП или Фидес нема само да создаде пиповски или фидесовски народ (со воспоставување на некој вид посредници, т.е. граѓанско општество кое ја поддржува владата). Популистите создаваат хомоген народ, во чие име настапуваат цело време.

Оттука произлегува конечната голема иронија. Популизмот на власт раѓа, јакнее и нуди уште една варијанта на исклучување и узурпирање на државата, иако на тоа најмногу се противи во периодот кога владеел веќе сменетиот естаблишмент. На крајот, популистите ќе го прават токму она што наводно го правел „стариот естаблишмент“ и „корумпираната, неморална елита“ – само, како што може да очекуваме, без чувство на вина и со божемното демократско оправдување.

(Исечок од второто поглавје на книгата „Што е популизам“, која во превод на српски јазик, наскоро ќе излезе од печат во издание на белградските издавачи „Фабрика за книги“ и „Пешчаник“)

 


Авторот Јан Вернер Милер (Jan Werner Muller) е член на Школата за историски науки при Институтот за напредни студии, Принстон. Тој е визитинг професор на Институтот на напредни студии во Будимпешта, на Хелсиншкиот колегиум, на Институтот за хумани науки – Виена, Њујорк, Харвард, Фиренца, Париз, Минхен и Берлин. Професорот Милер е коосновач на Европскиот колеџ за уметност (ECLA), Берлин. Автор е на бројни научни трудови од областа на политиката.

Print Friendly, PDF & Email
Tags: ЕрдоганЈан Вернер МилерКачинскиКореаКорупцијаОрбанполаризација на народотпопулизампопулистички техники на владеењеПутинХајдерЧавез
Share33Tweet21Send

НАЈЧИТАНИ 5

  • Фото: Скриншот од видео од наводниот напад објавено од SBU  (Украинска безбедносна служба) на 1 јуни 2025 година

    Украинските дронови погодија над 40 руски стратешки бомбардери во шокантен напад далеку зад линиите на фронтот

    93 shares
    Share 37 Tweet 23
  • (ВИДЕО) Експлозија во Ставропол го уби рускиот функционер кој ги предводеше нападите врз украинскиот Мариупол

    92 shares
    Share 37 Tweet 23
  • Брисел насетува оти Мицкоски е подготвен да го жртвува и Извештајот во ЕП

    92 shares
    Share 37 Tweet 23
  • Рамбл, инвестицијата на Крис Павловски во Македонија, дел од пропагандната мрежа на Кремљ

    89 shares
    Share 36 Tweet 22
  • Илон Маск ја напушта Белата куќа

    88 shares
    Share 35 Tweet 22

CIVIL MEDIA NEWSLETTER

Check your inbox or spam folder to confirm your subscription.

CivilMedia

СЛОБОДНО.НЕЗАВИСНО.ОТВОРЕНО

  • ЗА НАС
  • ИМПРЕСУМ
  • КОНТАКТ
  • АВТОРСКИ ПРАВА
  • Политика на приватност
  • МАРКЕТИНГ

Следете нè

No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ВЕСТИ
  • ПОЛИТИКА
  • СЛОБОДНА ЗОНА
  • АНАЛИЗИ
  • РЕГИОН
  • СВЕТ
  • ВОЈНА ВО УКРАИНА
  • ДЕЗИНФО
  • ФОРУМ
  • ГРАЃАНСКА АКЦИЈА
  • МАРКЕТИНГ
  • ИМПРЕСУМ