Откако вчера, Советот за општи работи на ЕУ даде временска одредница „до крајот на годината” како рок за одржување на првите меѓувладини конференции со Северна Македонија и Албанија, неколку бугарски функционери денеска ги потврдија ставовите за непроменетост на позицијата на Бугарија кон земјава.
Потпретседателката на Бугарија Илијана Јотова изјави дека не гледа основа и нови факти кои би ја промениле бугарската позиција кон Република Северна Македонија
Како што јави дописникот на МИА од Софија, најважно, според Јотова, е да се изготви патоказ што да се прави отсега натаму на билатерален план, дека ќе се разгледуваат нови предлози од европските партнери.
Бугарија, додаде Јотова, ќе ја чека одлуката на Република Северна Македонија, бидејќи нејзиниот премиер поднесе оставка, и ќе се разгледаат новите предлози од европските партнери. Според неа, сепак, нема да се понуди ништо ново.
-Позицијата на Бугарија за Република Северна Македонија не е променета, изјави Кристијан Винегин, заменик-претседател на Народното собрание.
Винегин потсети дека вчера Министерството за надворешни работи ја потврдило таа позиција на Советот за заеднички работи на ЕУ.
– Таа позиција се наоѓа и во коалицискиот договор. Таму исто така е запишано дека се поддржува широк консензус во Бугарија по тоа прашање, коментира Винегин.
Според него, додека Република Северна Македонија не ги исполни ангажманите кон бугарската страна, нова позиција по тие прашања не може да има, и засега Бугарија не може да даде согласност за старт на преговорите меѓу Република Северна Македонија и ЕУ.
И копретседателот на коалицијата Демократска Бугарија, Христо Иванов, изјави денеска дека Бугарија не треба да го менува својот став кон Република Северна Македонија, додавајќи дека позицијата на Софија е оти во нејзин национален интерес е двете земји да бидат дел од европското семејство.
Ставот дека Бугарија не може да ја одобри нацрт-рамката за преговори, ниту да постави рок за свикување на првата меѓувладина конференција со Северна Македонија“,го потврди и бугарскиот постојан претставник во ЕУ на денешниот Совет за општи работи Румен Александров, пренесе БНР.












