Асфалтирањето на патот од селото Муртино до селото Еднокуќево, почна денеска. Тоа е последна фаза од реализацијата на проектот, чиј носител е Центарот за развој на Југоисточниот плански регион, а партнери се општините Струмица и Босилово.
Градоначалникот Јаневски заедно со градоначалникот на Босилово Зоран Зимбаков денеска беа на овој патен правец за да видат како се одвиваат завршните работи.
Притоа градоначалникот Јаневски информираше дека вкупната инвестиција изнесува 5,5 милиони денари. Општина Струмица учествува со околу 2,2 милиони денари, а останатите средства се од Бирото за регионален развој, односно, Министерството за локална самоуправа преку Програмата за рамномерен регионален развој за 2017 година.
Патниот правец е од голема важност за граѓаните од двете населени места, бидејќи обезбедува побрза и полесна меѓусебна комуникација, а во исто време ги поврзува и двете општини.
Овој проект е многу важен и за севкупниот развој на Југоисточниот плански регион и затоа според Јаневски и понатаму ќе се работи на изградба на квалитетна патна мрежа што е од голем интерес на граѓаните од регионот.
Инаку, овој пат е дел од патната мрежа на општина Струмица и се протега од излезот на селото Муртино, па се до влезот на селото Еднокуќево во општина Босилово во должина од 1.387 метри. Коловозната лента е со ширина од 5 метри и е изградена според сите стандарди за патишта од ваков тип.
[divide]
извор: МИА