Прв претседателски ден на Пендаровски
„Време е да ги залечиме отворените рани од нашето скорешно минато и реално да го започнеме граѓанското помирување, затоа што немаме резервна татковина која можеме да ја наречеме наш дом“, напиша на Фејсбук рано утрово, претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, на својот прв работен ден.
Меѓу првите средби што ги оствари на првиот работен ден беше со евроамбасадорот Самуел Жбогар. Од Кабинетот на Пендаровски соопштија дека соговорниците констатирале дека напредокот во евроинтеграциите е од клучно значење за подобрување на животниот стандард и одржување на еврооптимизмот на граѓаните во Република Северна Македонија. Жбогар на Пендаровски му посакал успешно водење на државата и му предал писмо со честитки од претседателот на Европскиот Совет, Доналд Туск, и од претседателот на Европската комисија, Жан Клод Јункер. Пендаровски, пак, укажал дека почетокот на преговорите за членство на Република Северна Македонија во ЕУ е заслужен и неопходен со цел поттикнување на севкупните реформи и унапредување на политичката култура во земјата.
Киријата за канцеларијата на Иванов
Џевахир Скај Сити испрати соопштение во врска со договорот за закуп и користење на службен простор за потребите на сега веќе поранешен претседател, Ѓорќе Иванов. Тој одби да се врати на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје и одбра да има канцеларии како пезиониран претседател со пензија во висина од 1.800 евра и кацеларии токму во комплексот висококатници Џевахир Скај Сити во Аеродром. Според договорот, месечниот закуп за 274 м2 деловен простор изнесува 1.950 евра, велат од Џевахир Скај Сити. Годишниот буџет за потребите на експретседателот е 165.000 евра.
Приватизација
Граѓаните и фирмите од денеска на порталот privatizacija.finance.gov.mk ќе можат да се информираат до каде е нивниот предмет за приватизација во Управата за имотно правни работи (УИПР), која денеска ја презентираа министерот за финансии Драган Тевдовски и директорката на УИПР Шасине Касами.
„Нема веќе предмети во фиока. Направивме системско решение, платформа privatizacija.finance.gov.mk преку која граѓаните и фирмите ќе можат од својот дом или канцеларии, преку компјутер да ja следат постапката за приватизација во Управата за имотно-правни работи. Ова значи дека граѓаните и фирмите ќе имаат постојано увид во која фаза е нивниот предмет – од прием на барањето за приватизација, преку обработка на предметот и решавање на истиот – до архивирање“, изјави министерот Тевдовски поспочувајќи дека придобивките од ваквиот пристап е што граѓаните и фирмите добиваат нова и подобра услуга од Управата, ќе се подобри ефикасноста на Управата и ќе се изврши дигитализација на процесите.
Потерница за Груевски
Првиот човек на Министерството за внатрешни работи, Оливер Спасовски денеска изјави дека е уверен дека нема никаква правна пречка потерницата за Груевски да биде објавена во Интерпол, особено за вакви кривични дела и очекува дека врвот на Интерпол ќе донесе таква одлука. Тој нагласи дека потерницата со сите потребни документации и без никаков недостаток е доставена до Интерпол.
Илегални мигранти
Од МВР пристигна и вест дека полицијата синоќа пронашла десет илегални мигранти, при контрола на возилото марка „Опел Омега“ со скопски регистарски ознаки управувано од 53 годишниот И.М. од Арачиново, на aвтопатот Велес – Скопје, кај местото викано „Штипска клучка“. Како што информираат од СВР Велес, се работи на расчистување на случајот, а по целосно документирање на настанот ќе биде поднесена соодветна пријава против И.М. од Арачиново.
Природното наследство – Охридско езеро
„Иако уште во 2017 година јасно беше назначено дека е потребен мораториум за градба во крајбрежните и урбаните делови, сепак, на почетокот на 2018 година е издадено одобрение за градба на оваа локација непосредно до брегот на Охридското Езеро. Наместо запирање на урбанизацијата додека не се донесе План за управување со охридскиот регион, додека не се усогласат и урбанистичките планови, таа продолжува“, се вели во соопштението на иницијативата „Охрид СОС“ објавено на Фејсбук и илустрирано со фотографии. Според Охрид СОС не постои волја од локалната самоуправа за конечно решавање на проблемот и почитување на препораките на УНЕСКО. Извештајот што Владата заедно со општините, Министерство за култура, Министерство за животна средина и просторно планирање и неколку други институции го поднеле до УНЕСКО ќе биде разгледан на следната годишна конференција на Комитетот за светско наследство во Баку, на крајот на следниот месец. Останува отворена опцијата охридскиот регион да биде ставен на листата светско наследство во опасност, велат од Охрид СОС.
ЦИВИЛни активности
ЦИВИЛ организира креативна работилница „Обединети против насилството“ во Домот на културата „Димитар Влахов“, Автокоманда, Гази Баба, на 15 мај, среда, со почеток во 12 часот, како дел од проектот „Заедниците против насилниот екстремизам“. Работилницата е дел од заедничките заложби на ЦИВИЛ, основните и средни училишта од Гази Баба, локална самоуправа и полицијата за јакнење на јавната свест и граѓанска едукација на локално ниво против насилниот екстремизам.
На работилница се предвидува учество на околу 20 деца од повеќе средни и основни училишта во Гази Баба што заеднички ќе сликаат на теми „Човекови права и слободи“, „Мир и ненасилство“, односно сѐ што симболизира мирно и здружено решавање на конфликти преку дијалог и разбирање. Работилницата ќе биде проследена со видео проекции, музика, доделување симболични награди за учесниците на работилницата, како и благодарници до учесниците во проектот од Општина Гази Баба. Свои обраќања ќе имаат и градоначалникот на Општина Гази Баба, Борис Георгиевски, како и претставници на ЦИВИЛ и СВР Гази Баба, во завршниот дел од работилницата по 14 часот.
Б. Јордановска