Претставници на политичките партии и коалиции на претстојните предвремени парламентарни избори на 15 јули во Државната изборна комисија (ДИК) потпишаа Кодекс за фер и демократски избори.
Апелите од ДИК и од претставниците на учесниците на изборите се исто така насочени кон почитување на мерките за заштита од Ковид -19.
Претставниците на помалите партии побараа партиите да ги вратат парите за изборите и да им се дозволи зголемување на минутажата за нивно претставување во медиумите.
Пред прекинот на изборните дејствија во март, ДИК ги потврди листите на 15 коалиции и партии со 1.598 кандидати, а го утврди и изгледот на гласачкото ливче.
Со свои кандидатски листи во сите шест изборни единици ќе учествуваат ДУИ, коалицијата „Можеме“ предводена од СДСМ и Беса, коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ „Обнова на Македонија“, политичката партија ИНТЕГРА, „Никогаш северна, секогаш Македонија“, Демократи, Алијанса за Албанците и Алтернатива, Левица и Работничката партија и ДПА.
СДУ, ГДУ и Глас за Македонија нема да учествуваат во „шестката“, односно поднесоа листи само за изборните единици 1, 2, 3, 4 и 5. „Твоја партија“ доставила кандидатски листи за изборите единици 1, 2 и 5.
По потпишувањето на Кодексот за фер и демократски избори, ДИК ќе изврши ждребка за определување на билбордите за политичко рекламирање.
Конечниот датум за предвремените парламентарни избори, 15 јули, беше соопштен пред 3 дена, откако власта и опозицијата конечно успеаа да се договорат.
„Разговарав повторно со Мицкоски и ми потври дека е согласен да учествува на избори на 15 јули. Бараа средината на јули, еве им средина на јули. 15 јули, среда, неработен ден за сите граѓани. Ден за гласање, одлуки и спас на државата од кризата во која влеговме“, истакна Заев.
Тој додаде дека понеделник 13 и 14 јули ќе се одвива гласање на болни лица, позитивни на корона, оние во самоизолација, хронично болли граѓани , а молкот ќе настапи на 12 јули, недела.
„Сите сме крајно свесни дека се наоѓаме во комплцииран момент кога мораме да направиме важни чекори за нашата земја. Одговорност е да направиш сè за да направиш институции кои ќе работат за граѓаните, активно Собрание, мора да биде активено, целосно функционална Владата, ние треба на граѓаните, власта и опозицијата да им го овозможиме тоа“, додаде Заев.
По прес-конференцијата на Заев, и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на својот Фејсбук соопшти дека ќе учествуваат на изборите.
„Двата услови кои ги баравме се прифатени, прво протоколи за заштита на здравјето на граѓаните, второ мисија на ОБСЕ и ОДИХР за заштита на волјата на граѓаните“, напиша Мицкоски.
А. П.