Македонската асоцијација на Дадилки излезе со реакција за случајот со вербалниот испад на негувателка во Гевгелија за кој граѓанската новинарка Јулијана Ортаковска известуваше и доби прва награда во наградниот циклус за граѓанско новинарство на ЦИВИЛ.
„Се случува негувателка да има „вербален испад“ во градинка, се случува дете да биде изгризано бидејќи го „полазил инсект“ во градинка, се случува дете да е изгорено со кафе во градинка, се случува дете само да замине од градинка, се случува дете да остане заклучено во градинка…
Се случува и ќе се случува. Сѐ додека не се свестиме и додека не признаеме дека системот за грижа и нега на деца ни е паднат на колена на дно, и дека всушност не постои систем. Ќе се случува сѐ додека секое чудо ни е за три дена доста, ќе го заташкаме, ќе се ставиме под тепих и ќе продолжиме понатаму. Ќе се случува сѐ додека немо набљудуваме, и само коментираме на социјалните мрежи, а во себе се тешиме дека е добро што не се работи за нашето дете“, велат од МАД.
Критиката ја упатуваат и до Министерството за труд и социјална политика по итна постапка да го измени Законот за заштита на деца, а а медиумите им порачуваатда се вклучат истражувачки во тематиката згрижување и нега на деца. Нивните статии и известувања да не завршуваат само на индивидуални случки, туку да ѝ помогнат на јавноста да се запознае со реалноста.
„Наместо да дискутираме дали на пример програмата во градинка е усогласена со современите услови, развојот на општеството, дали децата се подготвуваат соодветно за училиште, ние расправаме дали употребата на непримерни зборови кон детето е прифатлива или не. И дури пронаоѓаме оправдувања за такво однесување. Во 21 век“, влеат од МАД.
Лиценцата за негувателка е прашалник од 20 прашања на заокружување, известуваат дадилките и не ѝ претходи никаква едукација, обука, тренинг.
„Градинките се установи кои по некоја логика треба да шират среќа, радост, живот. За жал, некои од нив работат во невозможни услови“, посочуваат МАД.
Б. Ј.