Шумските пожари во Турција, во кои загинаа осум лица, беснеат седми ден по ред, а голем пожар се шири и кон турска термоцентрала (ТЕЦ).
Турција е зафатена од најкатастрофални шумски пожари досега, уништувајќи шуми и богати земјоделски површини долж делови од турскиот медитерански и егејски брег. Земјоделци во паника го тераат добитокот во близина на морето, а исплашените туристи принудени се качуваат на безбедносни чамци.
Температурите од над 40 степени Целзиусови во јужниот дел на Турција предизвикаа рекорден скок во потрошувачката на електрична енергија, поради што вчера беше прекинато снабдувањето со струја во Анкара и Истанбул.
Градоначалникот на егејскиот крајбрежен град Милас, Мухамет Токат, изрази загриженост поради евентуалната катастрофа доколку неконтролираниот пожар ја зафати и локалната термоцентрала.
Тој објави итни пораки на Твитер, а на видеоснимките се гледа како пламенот се шири кон ридот до наводната локација на термоцентралата.
“Ова е критично место. Пожарот стигна до станбени комплекси. Доколку премине преку ридот, тоа значи дека огнот ќе достигне сосема нова димензија”, вели во објавата на Твитер, Токат.
Во Русија, пак, за само едно деноноќие, површината погодена од пожари се зголеми од 837 илјади хектари на 1.071 милиони . Од вчера, бројот на шумски пожари е зголемен од 217 на 222.
Површината на територијата што беше зафатена од оган се зголеми за приближно 237 илјади хектари, а пожарникарите успеале да изгаснат 40 природни пожари. Пожарите ја зафатија и најголемата област во Јакутија, каде горат 924 илјади хектари шума. Ноќеска беа евакуирани 90 лица од едно село во Јакутија, откако пожарот, поради силниот ветер, со голема брзина стасал до населбите.
Пожари беснеат и во големи области во регионот Иркутск, Карелија, Чукотка и Приморјето. Речиси пет илјади луѓе и 732 единици опрема се вклучени во гаснењето на пожарите, а специјален противпожарен режим е на сила во 62 региони во Русија.