Пожарот што ја зафати катедралата Нотр Дам во Париз беше искористен од екстремно десничарските провокатори како повод за ширење антиисламска омраза и заговори, дури и откако официјални лица изјавија дека го отфрлаат подметнувањето пожар како причина.
Дел од заговорите отидоа до таму што пламенот го споредија со нападите од 11 септември, и покрај тоа што постои сериозен недостаток од докази дека пожарот е намерен, а уште помалку дека е напад врз католицизмот.
Ваквите теории на заговор го заобиколија светот за неколку часа, а не ја одминаа ниту нашата држава. Па така, новинарот Љупчо Златев, на својот Твитер објави фотографија од катедралата во пламен придружена со прашањето: „Дали радикалниот исламизам повторно ја напаѓа Европа?“.
Неоспорна е трагедијата и штетата којашто значи огромна загуба не само за Париз и Франција, туку и за целата Западноевропска цивилизација и светот воопшто. Оттука сосема се разбирливи реакциите од целиот свет околу трагедијата која се случи вчера. Она што е крајно неприфатливо е злоупотребата на трагедијата од страна на радикалните десничарски провокатори во името христијанството, во обид да се шири омраза, верска нетрпеливост и ксенофобија.
Истовремено, на другата страна од светот, во Ерусалим, се запали џамијата Ал-Акса, поточно, Собата за молитви Марвани, позната и како Соломонски штали. Џамијата се наоѓа на врвот на Ридот на храмовите, трето најсвето место во Исламот што е во центарот на арапско – израелскиот конфликт.
М. Ивановска