Гаранции за можност на вработување во државни институции по истекувањето на нивниот мандат е клучното барање на пратениците.
Според планот измените на Законот за пратеници ќе вклучуваат и привилегии за оние пратеници кои активно бараат работа во агенцијата за вработување. Официјално од телото за реформи велат дека оваа иницијатива постои но не сакаат да коментираат детали бидејќи овој Закон не е приоритет.
Претседателот на телото за реформи, Реџаил Исмаили вели дека предлогот е на иницијатива на пратениците но додека не се хармонизира со Владата не може да го коментира.
„Знаете дека нема да се даваат повеќе пари на тие што седат дома“, рече Исмаили.
Според најавите планот е овој закон да помине заедно со пакетот од 30 закони од агендата на телото за реформи, меѓу кои е и Законот за СЈО со кој треба да се дефинира понатамошната работа на оваа институција, потоа дел од судските закони, Законот за судски совет, Законот за кривична постапка, Законот за спречување на корупција и судир на интереси, Законот за медиуми за кој има најави дека во понеделник ќе биде ставен на дневниот ред на собраниската седница. Сите овие закони се очекува да бидат донесени до крајот на јануари.
Барањата за привилегии на пратениците не се ништо ново
Во 2002 година, тогашниот состав на Собранието на Република Македонија подготви Закон за пратеници со слични привилегии. Во тоа време претседателот на СДСМ, Бранко Црвенковски, заедно со пратеничката група на СДСМ беше против донесување на измени на Законот за пратеници, со кои се добиваат пратенички привилегии по завршувањето на мандатот. Идејата на овој закон беше привилегиите да важат и за пратениците од првиот парламентарен состав.
Во 2005 година Собранието на Република Македонија имаше уште еден обид за донесување на сличен Закон за пратеници со истите привилегии.
Тогаш беа изгласани измени на Законот за пратеници со кој се овозможуваше пратениците да одат во пензија со 25 години работен стаж и 55 години возраст, а пратеничките, со 25 години стаж и 53 години возраст. Но, Уставниот суд одлучи да ги укине членовите коишто предвидуваа привилегии за пратениците.
Сегашната иницијатива за Закон за пратеници кој ќе вклучува и пратенички привилегии е слична со содржината на работната верзија на Законот за Собрание од 2009 година. Тогашните пратеници на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ на координативен состанок со тогашниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски ја прифатија работната верзија на овој закон во кој било предвидено пратениците по завршувањето на пратеничкиот мандат автоматски да можат да се вработат во државната администрација. По реакциите на јавноста, пратеничките групи на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ се повлекоа од предлогот за зголемување на привилегиите.
Ќе успеат ли пратениците конечно да го „протнат“ овој закон?
За иницијативата да стане закон најпрво ќе треба да се усогласи со Владата: Но, имајќи го предвид претходното искуство и оспорувањето на овој закон од страна на Уставниот суд во 2005 година неизвесно е дали тој конечно ќе заживее.
Жестоки реакции на јавноста
Реакциите на јавноста и овој пат не изостанаа. Најголемиот дел од нив се однесуваат токму на леснотијата со која пратеничките групи се договараат за Закони и области коишто се од нивен интерес, но кога станува збор за интересот на граѓаните донесувањето на закони и одлуки станува вистинско фијаско налик на пазар.
Во продолжение се неколку коментари за оваа иницијатива од твитер заедницата.
“Забрани работа во државно после истекувањето на мандатот на пратениците и гледај како законските регулативи за значително подобрување на условите во приватниот сектор сами се гласаат“.
„Сакате да кажете сеа, Груевски кога ќе се врати го чека државна работа во комисја за хартии од вредност така нешто, пратеници?“
„Политичарите добија секакви бенефиции, а граганите пак може да пушат во кафич. Јеи нова година“.
„Што слушам нова желба до Дедо Мраз имале овие циркузантите шо ги викаат пратеници во Собранието на Република Македонија. Позавршување на мандатот и 1 година лапанажа, државата да им нашла вработување ЗАДОЛЖИТЕЛНО! Некој со закана по живот ги натера да се пријават за пратеници?“
„Македонија има две класи:
1. Функционери/Пратеници
2. Сите останати
Проблемот е што првата класа е обединета, особено во штитењето на сопствениот грб и богатењето, додека втората војува самата против себе“.
„Како иде овој есап не ми е баш најјасно. Баграта од Собрание иде во државна администрација, а баграта од државна администрација МИОА ќе ја обучува за да работи во приватен сектор? Сircle of life?“
М. Ивановска