Голема раздвиженост на пратеници во Собранието на Република Северна Македонија.
На главните влезови се видоа како влегуваат и излегуваат пратеници од различни партии, претежно од редовите на новото парламентарно мнозинство. Иако вчера претседателот на ДУИ, Али Ахмети, најави за денеска седница за избор на претседателот на Собранието, сè уште нема официјална информација за кога ќе биде седницата закажана.
Но, во кратки изјави и одговори за медиумите, за денеска никој не очекува да има седница.
„За денеска не“, одговори кратко пратеникот на ДУИ, Исмаил Јаховски, при излегувањето од Собранието.
Од главната порта излезе и Талат Џафери, кој се очекува на втор мандат да преседава со Собранието, но не даде изјава за медиумите. Неофицијално седницата се одложува поради несогласностите внатре во ДУИ. Ограноците на оваа партија во Чаир, Бутел и Сарај не се согласуваат на изборот на Артан Груби и Бујар Османи за министри во новиот владин кабинет.
Активисти на ДУИ по социјалните мрежи јавно упатија критики до раководството на партијата поради тоа што не биле консултирани локалните раководства. Некои медиуми повикувајќи се на извори од партијата, информираа дека на вчерашната седница на највисоките органи на ДУИ, во знак на револт не присуствуваа и двајцата пратеници од револтираните ограноци, Изет Меџити и Арбен Зибери.
Неофицијално се дознава дека денеска пратениците ви Собрание биле повикани за да се потпишат на предлогот за избор на Џафери и да чекаат изход од партиските консултации. Се очекува седница за избор на претседател на Собранието, односно реизбор на Талат Џафери, да се одржи утре.
текст и фотографија: Арбен Зеќири