По повод Меѓународниот ден на видливоста на трансродовите лица, 31 март, денеска беше организиран првиот марш за поголема видливост и заштита на оваа заедница, кој беше организиран од Иницијативата за заштита и унапредување на правата на трансродовите лица ТрансФормА.
„Јас сум Х“, „Да се биде транс не е избор! Избор е да се биде трансфобичен“, „Идентитет не е тренд“, „Мојот род – мое право“, „Законот е во конфликт со мене“, беа дел од пораките кои трансродовите лица и поддржувачите ги порачаа на маршот.
Лила Милиќ, активистка и една од основачите на иницијативата за заштита и унапредување на правата на трансродовите лица изјави дека во 2019 година нашата држава е сè уште на дното меѓу последните држави во Европа кои немаат регулатива за правно признавање на родот.
„Токму затоа и маршираме денеска, во работен ден наместо на 31 март. Неодамнешната пресуда во која во корист на трансродов маж од Македонија од страна на Европскиот суд за човекови права во Стразбур, испрати јасна порака дека нашата држава има обврска да усвои законска рамка за правно признавање на родот“, додаде Милиќ.
Случајот „Х против Македонија“ доби позитивна пресуда во Судот во Стразбур во јануари, каде Судот утврди дека постоечката законска рамка има јазови и сериозни недостатоци кои го довеле транс лицето во ситуација на стрес и несигурност во признавањето на неговиот родов идентитет.
Маршот започна од Министерството за правда, а заврши пред Управата за водење матични книги.
Ангела Петровска