Граѓански здруженија и движења денеска одржаа протест пред Собранието против, како што истакнаа, „антиуставниот и дискриминаторски закон за двојазичност“ и против „антимакедонските политики што ги спроведува власта“.
„Ние ве сакаме наши сограѓани од малцинставата, но треба да знаеме кој е домаќинот“, беше истакнато на протестот, на кој присутните носеа знамиња со сонцето од Вергина и се пуштаа македонски народни песни.
Ана Бубинкова – Мијаковска, претседателка на здружението на граѓани „Преродба“, изјави дека денешниот собир е „предупредувачки протест против забрзаното реализирање на антимакедонски политики во соработка со други големи центри на моќ“, каде македонскиот народ е ставен на страна.
„Од денешниот протест сакаме да испратиме порака дека македонскиот народ никогаш нема да се помири со оваа состојба и во тек е потпишување на петиција со која бараме, пред се, да престанат сите овие преговарања на штета на македонскиот народ и македонската држава и сите досегашни такви нелегитимни одлуки, закони, акти, договори и се што се носи од актуелната нелегитимна власт, не ги признаваме и ги прогласуваме за невалидни“, рече Бобинкова – Мијаковска.
Таа најави дека протестите ќе продолжат и во следниот период и на нив, како што рече, ќе биде даден збор на самиот народ, за да си ги искаже своите ставови и мислења во однос на актуеланите случувања.
Како што порача Бобинкова – Мијаковска, сите здруженија на граѓани ќе стапат во коалиционо единство со народот, во „чии раце е судбината“ и дека тој ќе ја извојува својата „праведна битка за зачувување на вековниот идентитет, историја, култура, име и држава“.
извор: МЕТА
Содржините кои ЦИВИЛ ги презема од други извори не подлежат на лиценцата Creative Commons 1.0, инаку вообичаена за содржините кои ги објавува оваа медиумска платформа. Ве молиме, консултирајте се со изворот за преземање на таквите содржини.