По распишувањето на предвремените парламентарни избори за 12 април, партиите треба да ги достават изборните листи за шесте изборни единици до 12 март на полноќ. Проверени кадри, од партиските јадра ќе бидат носители на изборните листи, кои сѐ уште официјално не се соопштуваат, но и нови лица на листите најавуваат партиите, кои деновиве ги кројат изборите листи за претстојните избори.
Како што се изјаснуваат од партиите, односно од двете најголеми партии (власта и опозицијата) носители на изборните листи ќе бидат проверени кадри, но сѐ уште не ги објавуваат имињата. Од албанскиот политички блок сѐ уште нема сигнали за евентуални кандидати, освен од ДУИ, од каде што велат дека листата треба да се освежи, конкретни имиња нема, а градоначалничката на Општина Тетово изјави дека нема биде носител на листа.
Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, денеска на својот Фејсбук профил напиша дека Христијан Мицкоски е стечаен управник на ВМРО-ДПМНЕ која, како што наведува, е најрасипничката партија со милионски долгови и не може и нема да ја води државата, и прашува што би се случило кога Мицкоски и Груевски повторно би се доближиле до државниот буџет.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицоски денеска на својот официјален Фејсбук профил напиша дека лидерот на СДСМ, Зоран Заев станал „стечаен управник на Македонија со глaвни извршители Катица Јанева и Вилма Рускоска“.
Со прес конференција денеска се огласи портпаролката на СДСМ, Кузеска, којашто укажа на последното новинарско истражување на словенечки медиум, со кое се откри дека сума од два и пол милиони евра од Унгарија завршиле во медиуми познати по ширењето на лажни вести и конструкции. За оваа тема пишуваше и ЦИВИЛ МЕДИА веднаш по избивање на овој скандал. Реакција од институциите сѐ уште нема.
Од Алијансата за Албанците соопштија дека ќе ќе побараат од надлежните органи сите апликации за државјанство кои се постари од 5 години да добијат позитивен епилог.
„Илјадници семејства кои законски ги исполнуваат сите услови за опремување со државјанство, сè уште не го стекнале ова право без никакво образложение од надлежните органи. Потсетуваме дека, токму ДУИ многу пати со своите досегашни партнери во владеење правеа измени во законот за државјанство со комплицирани процедури и честопати создавајќи екстремно тешки околности за лица без државјанство“, велат од Алијансата.
Политичките партии, сите на свој начин, ја започнаа предизборната кампања со меѓусебни обвинувања, со доста аргументирани и неаргументирани изјави, а официјалниот почеток на кампањата за овие избори е на 23 март.
Дијана Тахири