Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ остануваат во Собрание и нема да го напуштат пред официјалното распуштање, кое треба да се случи деновиве. Предлогот со кој претседателот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски влезе вчера на средба со пратениците и раководството на партијата, не поминал кај мнозинството од присутните. Опозициската партија на овој состанок не донела одлука за напуштање на Собранието, а во денешното соопштение велат дека партијата ќе го следи развојoт на настаните.
Техничкиот министер за внатрешни работи, Наќе Чулев, истакна дека има само околу 4.900 обрасци за пасоши во моментов, а 14.900 граѓани чекаат да им биде издаден пасош. Новата пратка на обрасци за патни исправи од економскот оператор Веридос треба да стигне на 24 март. Вината за ваквата состојба ја префрла кон неговиот претходен колега, актуелниот технички премиер Оливер Спасовски. Тој, пак, му порача на Чулев да си го реши проблемот со недостигот на обрасци за лични карти и пасоши, додавајќи дека додека тој бил во МВР, немаше проблеми ниту со пасошите, ниту со личните карти.
Спасовски не отстапува од барањето да се смени техничката министерка за труд и социјална политика, Рашела Мизрахи, и ги повика ВМРО-ДПМНЕ да предложат друг/а кандидат/ка на нејзино место. На потег е претседателот на собранието, Талат Џафери, до кого е упатено барањето.
Дали конечно ќе се изгласа законот за Јавно обвинителство останува да се види. Неизвесноста продолжува…
Дехран Муратов