Земјотрес со јачина од 8,8 степени во близина на рускиот полуостров Камчатка на 30 јули предизвика цунами бранови на рускиот Далечен Исток, што доведе до евакуации во Јапонија и Хаваи и предупредувања низ Тихиот Океан.
Како што пренесува Кијив Индипендент, цунами брановите ги погодија Камчатка и островот Сахалин, оштетувајќи една градинка и повредувајќи неколку лица, соопштија локалните власти. Бран од 3-4 метри е регистриран на далечниот источен полуостров, изјави Сергеј Лебедев, регионалниот министер за вонредни ситуации.
„Денешниот земјотрес беше сериозен и еден од најсилните во последните децении“, изјави гувернерот на Камчатка, Владимир Солодов, на Телеграм.
„Специјалистите веќе започнаа темелна инспекција на критично важните објекти за евентуални штети. Прво се проверуваат училиштата, болниците и градинките.“
Снимките што ги споделија руските власти на социјалните медиуми го покажуваат градот Северо-Курилск во Сахалин поплавен по земјотресот.
Единствената геофизичка служба на Руската академија на науките го смести епицентарот на 149 километри југоисточно од градот Петропавловск-Камчатски и на длабочина од 17 километри.
По Русија, САД и Јапонија беа меѓу првите што издадоа наредби за евакуација, а почетните цунами бранови веќе стигнаа до јапонскиот остров Хокаидо до утрото. Работниците во нуклеарната централа Фукушима, оштетена во цунамито во 2011 година, се евакуирани.
Во САД, земјотресот предизвика предупредувања за евакуација на Хаваи и предупредувања за цунами по должината на Западниот брег.
„Поради силниот земјотрес што се случи во Тихиот Океан, предупредување за цунами е во сила за оние што живеат на Хаваи“, изјави американскиот претседател Доналд Трамп на социјалните медиуми.
Due to a massive earthquake that occurred in the Pacific Ocean, a Tsunami Warning is in effect for those living in Hawaii. A Tsunami Watch is in effect for Alaska and the Pacific Coast of the United States. Japan is also in the way. Please visit https://t.co/wdFzeu1I0h for the…
— Donald J. Trump (@realDonaldTrump) July 30, 2025
Одделот за управување со вонредни состојби во Хонолулу предупреди на „деструктивни цунами бранови“. Жителите се повикани да се преселат на повисоки места.
Предупредувања за цунами се издадени и во Нов Зеланд, Кина, Филипините, Индонезија и на други места по должината на брегот на Пацификот.
Руските сеизмолози го нарекоа најсилниот земјотрес во сеизмичката фокусна зона на Камчатка од 1952 година.
Според Геолошкиот завод на САД, јачината од 8,8 степени го прави земјотресот шести најмоќен во историјата, изедначувајќи се со земјотресот во Чиле од 2010 година.
Камчатка лежи во рамките на Огнениот прстен, тектонски појас од вулкани во Тихиот Океан со силна сеизмичка активност. Приближно 90% од земјотресите во светот се случуваат во рамките на појасот.
Д. Мишев