ВЕСТ НА ДЕНОТ Повикувањето на бојкот на пописот е кривично дело
Во име на Владата и на Државниот завод за статистика, владините потпароли Душко Арсовски и Муамет Хоџа, како и Јасмина Ѓорѓиева од ДЗС, на денешната прес-конференција потенцираа дела пописот е граѓанска обврска утврдена со закон и дека тоа подразбира одгвороност на секој граѓанин кон државата. Како што објаснија повикување на бојкот на пописот е кривично дело според член 387 од Кривичниот законик кој предвидува парична казна или затвор до 3 години за оној, што ќе организира други на отпор и на непослушност. Ако, пак, поради делото не е спроведено или значително е отежнато спроведувањето на законита одлука или мерка, или ако делото го стори како водач на група сторителот ќе се казни со затвор од 1 до 5 години.
Портпаролот Арсовски информираше дека за теренскиот дел е обезбеден потребниот број на попишувачи и почнува обуката на реонските инструктори, при што нагласи дека здравствените протоколи со кои е предвидено да се спроведува Пописот гарантираат највисоко ниво на заштита и за попишаните и за попишувачите. Арсовски посочи дека податоците од Пописот се доверливи и заштитени по највисоките стандарди и со учеството во оваа статистичка операција секој придонесува државата да има релевантни и точни податоци, а не претпоставки, за да може да се креираат политики за натамошен развој.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
„Повикувањето на бојкот на пописот е кривично дело според чл 387 на КЗ… Пописот во услови на пандемија е целосно безбеден и граѓаните треба да бидат спокојни. Здравствениот протокол за пописот 2021 е изготвен до најситен детал за да се заштити здравјето и на попишувачите и на попишаните. Пописот е граѓанска обврска утврдена со закон. Учеството во пописот е задолжително и претставува одговорност на секој граѓанин кон државата“, изјави потпаролот на Владата, Душко Арсовски, на денешната прес-конференција.
ЦИВИЛНИ АКТИВНОСТИ
Денеска се навршуваат 20 години од одржувањето на манифестацијата „Рок за мир“ на 24 март 2001 година во организација на ЦИВИЛ, а во партнерство со Пакс Кристи Холандија, Нансен дијалог центар и други. ЦИВИЛ беше првата организација во земјата која од првиот ден на оружениот судир во земјата апелираше за мир и помирување и даде огромен придонес кон мировните напори и надминување на етнички мотивираното насилство. На сцената на МКЦ таа вечер, во воената 2001-ва година, на сцената настапија девет најпознати македонски рок и поп состави, како Архангел, Бла-Бла, Санаториум, Суперхикс, Нон Стоп, ЛП, Гаро и Парамециум, Ласт Експедишн и Мозаик, како и норвешкиот бенд Кине.
Организацијата остана доследна на своите позиции во застапување и промоција на ненасилството и мирот, одбраната на човековите права и слободи, слободата и еднаквоста.
Организацијата го одбележа јубилејот скромни и работно, со пораката: „Нека им е честит јубилејот на сите учесници во овој голем и важен настан и на сите поддржувачи на мирот во нашата земја.“
Во тек е повикот на ЦИВИЛ за уште два бесплатни вебинари што ќе се одржат на 2 и 3 април со почеток во 13 часот. Повеќе информации може да се најдат и на FACEBOOK EVENT за вебинарот. Заинтересираните се повикани да пополнат АПЛИКАЦИЈА ЗА УЧЕСТВО за да добијат можност за учество.
По дебатите за пописот во Штип, Гостивар и Гевгелија, ЦИВИЛ ќе одржи дебата и во Скопје, на 30 март.
ПОЛИТИЧКИ ОК КОРАЛ Маричиќ во Брисел, Левица на шофершајбните
Можеби некои не ја сфаќаат сериозноста дека ваквиот чин на повикување на бојкот против законити одлуки или мерки на државен орган, а такви се и акцијата за собирање на потписи против пописот што ја започна Мицкоски, па и на маргиналците собрани околу Јанко Бачев. Но сето тоа може реално да ја отежнат работата на попишувачите. Можеби тие се тука само за политизирање на пописот, што не е ништо чудно и ново со воспоставената пракса на политизирање на сѐ и сешто.
И додека скоро сите релевантни политички претставници на сите етнички заедници го промовираат пописот и придобивките од него, „здружената“ десница во земјата решила да собира политички поени под лошото образложение дека пописот е обид да се „демакедонизира“ граѓанството.
Убава и секако значајна е промоцијата на реформите во Брисел, но грди се шофершајбните на кои се „залепија“ бојкотирачите со хаштагот „Не отворам врата“. Уште погрд е молкот на носителите на правда во државата.
ФЛЕШ ВЕСТИ
МОЛК Дали отворениот повик и јавната онлајн и теренска кампања преку делење на летоци за бојкот на пописот на политичката партија Левица претставува кривично дело?, е прашањето кое ЦИВИЛ Медиа вчера го постави до Основното јавно обвинителство, но, до не доби никаков одговор од ОЈО. По пресот на Влада која дејствијата на Левица ги карактеризираше како кривично дело, ЦИВИЛ постави уште едно прашање до ОЈО: Дали ја проследивте изјавата на Владата за тоа дека организирањето на бојкот на пописот е кривично дело? Што планира ЈО да преземе во врска со ова?, на кое, исто така, не доби одговор.
ИЗБОРИ Премиерот Зоран Заев денеска изјави дека останува определбата на следните локални избори да се гласа со отпечаток од прст. Тој истакна дека МВР е подготвено да направи трансфер на базата на податоци за отпечаток од прст целосно, дури и да си ја преземе обврската за менаџментот со оваа база.
ПОПИС „Пописот е статистичка операција во интерес на сите граѓани и не се прави ниту за Владата, ниту за некоја политичка партија, а Државниот завод за статистика гарантира за безбедноста на процесот и за почитувањето мерките содржани во Протоколот, со што никој нема да биде доведен во опасност, изјави Апостол Симовски, директор на Државниот завод за статистика.
СОЈУЗИ Министерот за надворешни работи на Република Северна Македонија, Бујар Османи на почетокот на вториот ден од Северно – Атлантскиот Совет на НАТО изрази очекување за засиленото партнерство меѓу НАТО и на ЕУ и улогата на земјите од Западниот Балкан во овој сојуз.
ДИГИТАЛИЗАЦИЈА Министерот за правда, Бојан Маричиќ, во Брисел ги потенцирал реформите во судството и се осврнал на проектот за дигитализација на судовите преку кој се дигитализирани над 100 судници.
ФИЛОСОФИЈА Најновата книга на Катерина Колозова, издадена од Блумсбери академик – Лондон, Велика Британија, „Холокаустот на животните: Нон-марксистичка критика на Капиталот, патријархатот и филозофијата“ (Capitalism’s Holocaust of Animals), прв пат издадена на крајот на 2019, доживува свое второ издание оваа пролет од истиот издавач (Блумсбери академик, Лондон), конечно има достапна цена и на Амазон.
HealthBuddy+ На панелот на УНИЦЕФ: Децата и младите се особено ранливи на дезинформациите за Ковид-19 се презентираше и мобилната апликација „HealthBuddy+“ која нуди пристап до проверени информации од доверба за КОВИД 19 вакцините, туку исто така овозможува да се преземе активна улога по пријава за дезинформации кои подоцна ќе бидат проверени со факти и потврдени од експертите.
ИНОВАЦИИ Велешката компанија „Брако“ денеска го презентираше првото возило на водороден погон во Европа, нов модел целосно развиен и произведен во земјава, под брендот „Грин машинс“, којшто е дел од компанијата „Брако“.
СЛОБОДНА ЗОНА: Орданоски за шармот на Захариева, Дечев за еколошка трансформација на земјата
„Сè на сè, Захариева не се прослави во врска со „македонското прашање“ ни во Софија ни во Брисел, а за Скопје дума да не стане! А дали по изборите во Бугарија таа ќе продолжи да го води надворешниот ресор на земјата, е прашање за кое никој во моментов не може да има одговор. За нас, секако, некој кој нема таква антимакедонска пизма би било подобро решение од мадам Захариева“, пишува Сашо Орданоски во денешната колумна Потрошениот шарм на Захариева
„Каква држава е потребна за успешна еколошка транзиција?
Потпишувањето на Парискиот договор го разоткри јазот во реалноста што ги обликува ставовите на владите кон животната средина. Усвојувањето на амбициозен и универзален договор за климата не го расчистува патот кон зелената држава. И токму таму започнуваат проблемите. Дискусиите и спротивставените страни за животната средина треба да завршат. Резервна планета немаме! Пристигна моментот за акција“, вели Стевче Дечев во Една ластовичка не ја прави пролетта!
Б. Јордановска