ВЕСТ НА ДЕНОТ: Граѓаните на попис – политиката на страна
„Претстојниот попис е чисто статистичка операција и нема простор за никаква политизација“, рече директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски, на панел дискусијата „Како сѐ може да се (зло)употреби пописот?“ во организација на ЦИВИЛ.
На панел дискусијата учествуваа и градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов и Дехран Муратов, активист и новинар од ЦИВИЛ. Панелот го модерираше новинарот Зоран Иванов.
Симовски, меѓудругото посочи дека денес на пазарот на трудот има огромен недостаток на работна сила, пописот тоа прецизно ќе ни го покаже и ќе овозможи да создаваме услови за враќање во земјата на нашите граѓани кои работат во странство. На оваа линија беше и Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, кој посебно го истакна значењето на пописот за локалната самоуправа каде што практично луѓето егзистираат во своето секојдневие. Муратов посебен акцент стави на анти кампањата за пописот лоцирајки ја ѝ во средините на припадниците на помалите етнички заедници.
Во недостаток да понудат политичка програма, одредени политички субјекти кои потекнуваат од тие етно средини се наметнуваат да го искористат амбиентот за попис за остварување на свои амбиции во политиката и сето на сметка на успешноста на пописот“, изјави Муратов.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ: Апостол Симовски: Јас сум оптимист, пописот ќе се одржи
Директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски во интервју за ЦИВИЛ вели дека пописот е неопходен и е оптимист дека ќе се спроведе во април оваа година.
Владата по иницијатива од ДКСК го разреши Ристо Чулаковски, член на УО на Битолскиот студентски дом. Од Владата, додаваат, дека со ова покажуваат комплетна насоченост и почитување кон сите независни тела во државата, а пред се, кон Државната комисија за спречување корупција, како една од клучните институции во откривањето и спречувањето корупција.
Во координирана контрола на Управата за јавни приходи и Државниот инспекторат за труд спроведена во декември и јануари во правни субјекти кои користеле државна помош за исплата на плати, како и кај работодавачи од текстилниот сектор по основ на исплата на плати, констатирани се неправилности кај 26 компании во врска со земената финансиска поддршка, а 41 работодавач направиле неправилности во однос на исплата на плата и на минимална плата.
Веб-страницата за пријавување и изразување интерес за вакцинација против Ковид-19 се очекува утре да биде во функција. Тоа значи дека буквално секој може да се пријави. Ова денеска го изјави министерот за здравство Венко Филипче, кој рече дека системот сам ќе генерира приоритети, што значи дека ќе ги прими податоците дури и за помладите кои немаат хронични болести, а кои изразуваат волја за вакцинација и тогаш кога ќе дојде редот за вакцинација ќе им стигне известување соодветно.
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев денеска учествуваше во работата на Самитот на Кина и земјите од Централна и Источна Европа 17+1, што се одржа преку онлајн видео конференциска врска, при што посочи дека процесот на соработка со НР Кина има потенцијал да постигне поголема ефикасност и од зголемената регионална соработка за проекти од интерес за повеќе земји во регионот
Мерките од петтиот сет предвидуваат грантови за остварени позитивни економски резултати, финансиска поддршка на извозот, значително зголемен пристап до кредити и ликвидни средства преку фондови – односно низа мерки кои ќе ја поддржат развојната компонента и генерирање на раст, пишува во неговата колумна министерот за финансии Фатмир Бесими.
Да се воведат построги и посоодветни критериуми за претпријатијата кои ќе конкурираат за државна помош, побара Организацијата на работодавачи на Македонија (ОРМ) и апелира петтиот пакет неодложно да се донесе, да се прилагодат критериумите за пристап до заемите за ликвидност, како и да продолжи кофинансирањето на инвестициските активности на фирмите.
СЛОБОДНА ЗОНА
„Тукушто објавената Анализа на една од највибрантните и најсериозни невладини организации во Македонија, Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ (ИДСЦ) од Скопје, во соработка со демо-христијанската германска Фондација „Конрад Аденауер“, посветена на македонскиот евро-интегративен процес, покажува трендови во ставовите на македонската јавност кои можат да ве загрижат или да ве орасположат, во зависност од тоа каде припаѓате на етно-политичкиот (за многумина и на партискиот) хоризонт на македонската политичка сцена….
Иако во заклучоците и од оваа Анализа на ИДСЦ има пораки за кои раководствата на сите наши партии треба добро да се замислат, македонската опозиција, сепак, има поголем проблем: многу голем процент од нивните членови и симпатизери воопшто не ја сакаат ЕУ“, пишува Сашо Орданоски, во денешната колумна „Има овде уште голема енергија за ЕУ“
„А по само неколку месеци пратенички мандат, Димче се претвори во класичен фотељаш, кој замислете, се буни што „пајак“ му ја собрал непрописно паркираната „алфа“ и што ќе треба да плати казна за тоа. Наместо да се срами, се буни на цел глас, не само тој, туку и целата негова кликни-плукни бот-војска на социјалните мрежи.
И не му е сефте да тера ваква „борба“. Освен „борец“ за неред и непрописно паркирање, Димче во овие месеци во Собранието „се бореше“ и за парите на народот што неговата партија ги заглави како „заштеда“ во Еуростандард банка, се бореше и со пратенички прашања за семејната куќа во Велес…Го имаше колку за сликање и себепромоција, и толку“, заклучува Петрит Сарачини во „Дај му малку власт да му го видиш умот…“
Б. Ј.