ВЕСТ НА ДЕНОТ: Потпишан договорот за набавка на 200.000 кинески вакцини, ќе пристигнат до крајот на месецов
Министерот за здравство Венко Филипче го потпиша Договорот за набавка на вакцини против Ковид-19 од кинескиот производител „Синофарм“. Со Договорот, Република Северна Македонија од кинеската компанија „Синофарм“ обезбедува 200 илјади вакцини кои ќе пристигнат овој месец. Точниот датум на пристигнување и сите информации поврзани со испораката се очекува да биде утврден во следните денови, соопшти Министерството за здравство.
Почитувајќи ја одредбата од договорот за тајност, а во согласно со глобална политика на сите компании за производство на вакцини, вклучително и на „Синофарм“, податоците што ги содржи договорот остануваат доверливи, посочуваат од Министерството и додаваат дека вакцините од Кина во земјава ќе пристигнат на аеродромот во Скопје.
Направен е детален план за транспорт на вакцината од аеродром до економските оператори (веледрогерии) кои се задолжени за складирање на количините, а потоа и план за дистрибуција до вакцинални пунктови каде ќе се спроведува вакцинацијата. Изминатата недела се вршеа премери на волуменот на ладните соби за чување, а се вршеше и проценка на капацитетите за складирање на целата количина. Вакцината на „Синофарм“ се чува и дистрибуира на температура од 2 до 8 степени, а вакцините се пакувани во формулација на претходно наполнет шприц, што ја олеснува и самата апликација на вакцината.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
„Поддршката од Словача е јасна, недвосмислена и принципиелна. Северна Македонија заслужи почеток на преговори, за што има одлука донесена со консензус во март минатата година. Можам да се согласам дека не треба во ЕУ да внесуваме недоразбирања, но во исто време објективен е впечатокот кој се создава и кај нас и кај останатите земји во регионот дека процесот на интеграција станува непредвидлив, нејасен или попрецизно е вид подвижна мета која не наградува според учинок туку според актуелните политички околности, рече министерот за надворешни работи, Бујар Османи, по средбата со министерот за надворешни и европски работи на Словачка, Иван Корчок кој престојува во работна посета на земјава.
ЦИВИЛНИ АКТИВНОСТИ
ЦИВИЛ организира панел дискусија на тема „Како сѐ може да се (зло)употреби пописот?“ во вторник 9 февруари, во хотел „Солун“, Скопје, со почеток во 13 часот. Учесници на панел дискусијата се Апостол Симовски, директор на Државниот завод за статистика, Петре Шилегов, градоначалник на Град Скопје, Љупчо Зиков, главен и одговорен уредник на „Капитал“ и Дехран Муратов, новинар и координатор во ЦИВИЛ. Панел дискусијата ќе ја води Зоран Иванов, новинар.
Во согласност со заштитните мерки COVID-19, панел дискусијата ќе биде без публика, а јавноста и медиумите ќе може да го проследат настанот во живо на Фејсбук страницата, како и на ЈуТуб каналот на ЦИВИЛ.
Панел дискусијата на ЦИВИЛ ќе се обиде да одговори на повеќе прашања и теми поврзани со пописот, соодветно на експертизата, односно искуството на учесниците на панел дискусијата. Прв говорник на настанот ќе биде Апостол Симовски, директор на Заводот за статистика која е најрелевантна институција за спроведување на пописот. Тој ќе одговори на прашањето како ќе се спроведува пописот и кое е значењето на оваа статистичка операција. Останатите прашања и теми се однесуваат на значењето на пописот за економијата, стопанството и бизнис заедницата, како и за помалите етнички заедници во земјата. За жал, неизбежно е прашањето за мотивите од кои се политизира пописот.
Панел дискусијата ќе трае околу еден час и половина. За време на дискусијата, тимот на ЦИВИЛ ќе ги следи реакциите и прашањата на социјалните мрежи и дел од нив ќе ги пренесе до учесниците во дискусијата.
ФЛЕШ ВЕСТИ
Претставници на Државната комисија за спречување на корупција и на Царинската управа денеска имаа средба во насока на зајакнување на соработката во борбата против корупцијата. Соработката помеѓу двете институции, како што стои во соопштението, особено доаѓа до израз при учеството на Царинската управа во изготвување на стратешки национални документи за превенција и репресија на корупцијата и судирот на интереси, како и во учеството во ИПА проекти во доменот на антикорупциско делување и зајакнување на капацитетите ангажирани во овааа заедничка борба.
Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ денеска до претседателот на Собранието ги достави потписите и записниците од Иницијативата за донесување на закон за поништување на Законот за попис.
Борбата против криминалот и корупцијата, како и стеснување на просторот и можностите за трошење на фунционерите и натаму се врв на агендата на Владата, но и на ресорот со кој раководи, порача денеска вицепремиерот задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски.
Основното јавно обвинителство Скопје ја отфрли кривичната пријава поднесена од судија на Врховниот суд против претседателот и два члена на Судскиот совет на РСМ за кривично дело – Злоупотреба на службена положба и овластување од член 353 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
На списокот на компании кои добиле државна помош, а не исплатиле плати на вработените во декември се најде и телевизија „Алфа“. Според податоците кои владата ги објави фирмата добила парична помош од 1,775,820 денари за 102 вработени лица.
По 12 дена бојкот, кој го почнаа на првиот ден од второто полугодие, матурантите организирани од Сојузот на средношколци денеска се враќаат на настава. Генералното собрание на Сојузот во четвртокот донесе одлука да го стави во мирување бојкотот и да се почека Парламентот да најде решение, откако пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ поднесе Предлог-закон за измени и дополнување на Законот за средно образоание.
СЛОБОДНА ЗОНА
„Е, сега, за да го заокружиме контекстот, на тој список за декември, со над 53 вработени има САМО ЕДНА фирма, со 102 вработени. И, која е таа фирма? Една од нашите национални телевизии која, на списокот на медиумите плаќани од Будимпешта, е најкритичка кон работењето на Владата. Таа телевизиска компанија на нашите колеги, медиумски работници, не им ја исплатила помошта од Владата доделена од парите на државниот буџет. На нејзината програма секојдневно – што е во ред – дефилираат семожни претставници, сите „алфи“ и „омеги“ на опозицијата кои „не можат да заспијат“ тврдејќи дека оваа власт е најкриминална, најкатастрофална, најкорумпирана во историјата, сè крадец до крадец од јавните пари!“, пишува Сашо Орданоски, во колумната „Би можело да има и добар наслов, ама намерно не го ставам…“.
Замислете ситуација каде што законодавците во земја со пониски приходи испадне да ги исклучат главните деловни фигури од некој стоковен договор. Се појавуваат сомнежи за корупција – но, што е битно, со нула докази. Можеби имало криминална активност, но можеби и немало. Како што сите знаеме, разни нешта се случуваат и природно е да сакате да најдете некого да обвините. Но сега, со перцепцијата дека корпоративните зделки не се најчисти, таа конкретна земја, без разлика на отсуството на докази, ќе биде погодена во рангирањето на Индексот на перцепцијата на корупцијата, пишува Алекс Кобам во FOREIGN POLICY, во „Корумпирачки перцепции“.
„Две дилеми ја мачеа мојата генерација. Како ќе се пишува и оценува историјата за рокенролот и дали шахот е спорт или е симулација за војна?
Големите теми и реформи ни ја преокупираа јавноста минатата недела. Некако се навикнавме на историски вреднувања на сите дебати што политиката ни ги предложува. Историски модел на реформи во образованието, историски пресврт во реформите на судството, судбински попис и слични големи теми, што ги надминуваат просечните капацитети на сегашните носители на општествените движења. Малите и просечните секогаш бараат компензација во голема галама за своите дела. Големите дела патот сами си го пробиваат веројатно затоа што сѐ големи“, пишува Војо Маневски во колумната „Рок културата и ние“.
Д.М.