Претседателката на Европската комисија (ЕК), Урсула фон дер Лајен, попладнево пристигна во Скопје. На скопскиот аеродром ја пречека вицепремиерот за европски прашања, Никола Димитров.
Тој на својот Фејсбук профил и посака добредојде и порача дека оваа посета е силен сигнал за потребата од дејствување и за исполнување на европското верување: почеток на преговорите.
-Исчекор ни е повеќе од потребен за да ја вратиме вербата и надежта на младите луѓе во европската идеја и перспективата за европски начин на живот дома
Од таму, таа се упати пред Владата на Република Северна Македонија, каде беше пречекана од премиерот Зоран Заев.
„Вистина е дека иднината на Северна Македонија е во ЕУ и ве сакаме покрај нас. Европската комисија, и јас самата, стоиме на тоа дека вие постигнавте извонреден напредок и сакам да бидам јасна дека сега ЕУ треба да испорача, изјави денеска претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен на заедничката прес-конференција со премиерот Зоран Заев попладнево во Скопје.
Фон дер Лајен изрази целосна поддршка за формалното отворање пристапни преговори со земјава што е можно побрзо.
– Целосно го поддржувам формалното отворање на пристапните преговори со Северна Македонија и со Албанија што е можно поскоро, колку што може побрзо. Не губете верба, изодевте толкав пат, достигнавте голем напредок. Имате поддршка од многу пријатели во ЕУ и ајде работиме вредно кон одржувањето на таа прва конференција, тоа ќе биде нашата заедничка цел, рече Фон дер Лајен.
Претседателката на ЕК ги поздрави реформите што државава ги спроведува, особено, како што рече, во областа на владеење на правото и борбата против корупцијата и организираниот криминал, посочувајќи оти е важно да се продолжи со тој напредок, изразувајќи уверување оти тоа ќе биде наградено.“