Претседателката на Молдавија, Маја Санду денеска го опиша наводниот план на Москва да ја собори нејзината Влада со помош на надворешни саботери, да ја стави поранешната советска република „во служба на Русија“ и да ги спречи нејзините аспирации еден ден да се приклучи кон Европската унија.
Една недела пред Санду да излезе во јавноста со наводите за заговор, претседателот на соседна Украина, Володимир Зеленски, истакна дека неговата земја дознала за плановите на руските тајни служби да ја уништат Молдавија, а информацијата ја потврдија и молдавски разузнавачи.
Планот за следниот период вклучува акции со воено обучени саботери камуфлирани како цивили кои ќе преземаат насилни акции, ќе нападнат некои воени згради, па дури и ќе земаат заложници, им рече Санду на новинарите на брифингот во Кишињев.
Откако Русија ја нападна Украина пред речиси една година, малата Молдавија со своите 2,6 милиони жители, сместена меѓу Украина и Романија, побара поблиски врски со своите западни сојузници.
Во јуни минатата година, на Молдавија и Украина во ист ден им беше признат статус на кандидати за членство во Европската унија.
Санду рече дека целта на наводниот руски заговор „е да се урне уставниот поредок, да се префрли легитимната влада во Кишињев во нелегитимна“, што „ќе ја стави земјата во служба на Русија, со цел да се запре процесот на европска интеграција (на Молдавија)“.
Напорите на Кремљ да воведе насилство во нашата земја нема да успеат, нагласи Санду.
На нејзините изјави засега нема реакција од руските власти.