Во предизборното соочување на Националниот сервис, претседателските кандидати ја претставија својата визија и програма, со која сите ветуваат подобра држава, спречување на корупцијата и запирање на иселувањето на младите. Во однос на промените во Уставот, изразија спротивставени ставови.
Претседателскиот кандидат на коалицијата предводена од СДСМ Стево Пендаровски вели дека ќе бара претседателот да има повеќе ингеренции.
– Имав принцип кога го почнав мојот мандат, мислам дека е непринципиелно да не барам повеќе ингеренции. Би рекол дека суспензивното вето треба да премине во апсолутно вето, рече Пендаровски.
Во однос на други промени на Уставот, смета дека не треба целосно да се менува Уставот, но во однос на ЕУ, дециден е, дека треба да се отвори.
На прашањето за нов Устав со нова Преамбула со почитување на правото на заедниците, Силјановска-Давкова вели дека треба да се направат темелни уставни промени.
– Прво, секаде рамнотежата меѓу трите власти е пореметена во корист на егзекутивата. Кај нас особено е пореметена. Проблем е што имате две влади, не една влада, два парламенти во кои нема комуникација. Треба да се направат темелни уставни промени, оценува Силјановска Давкова.
Потенцираше дека сè уште живееме во поделено општество и дека една од неговите заложби била да се обиде да го намали овој јаз кој постои со години.
„Нас ни треба вистинска академска дипломатија, а не вазалска дипломатија како што кажа претседателот Пендаровски“, рече кандидатот за претседател на Левица, Билјана Ванковска на прашањето за тоа каква дипломатија и е потребна на Македонија.
Според Максим Димитриевски од ЗНАМ ние сега имаме бизнис-доверителска дипломатија, а според актуелниот претседател Стево Пендаровски имињата што беа споменати како Теута Арифи и Лубомир Фрчковски тие никогаш не беа пратени, па вратени, тоа се „чаршиски муабети“.
Кандидатот на ГРОМ, Стевчо Јакимовски имаше забелешка кон Османи за коспронзорството за геноцидот на Сребреница и како што го нарече „вазалска политика“.
Бујар Османи од Европскиот фронт рече дека е жалосно што од противкандидатите не слушавме поддршка за коспонзорството, а Јакимовски рече дека геноциот во Сребреница не е геноцид, туку злочин.
Пендаровски рече дека ветингот овој пат мора да биде задолжителен, овој пат мораме да ги провериме имотите на политичарите и во судството.
Според Гордана Силјановска Давкова од ВМРО-ДПМНЕ мора да се донесе италијански закон против мафијата, но ако застанете зад Кривичниот законик и ако не ставите вето против тоа тогаш не можете за зборувате за борба против корупција, а Јакимовски како кажа дека политиката треба да ги тргне рацете од обвинителството и судството. Кандидатот на Европскиот фронт Бујар Османи рече дека преку сертификат обезбеден од САД, ЕУ и НАТО за потенцијалните функционери, односно ветинг ќе се борат корупцијата, а како реплика на Давкова рече дека кога станувате член на НАТО не е протекторат.
Ванковска рече дека извор на корупцијата е НАТО, Европска унија и САД, на ова се приклучи и Јакимовски кој го праша Османи дали знаете дека Петнагон не дозволува ревизија во своите структури. Според Димитриевски ветингот е еден вид амнестија.
Н. А.