Судејќи според последните изјави за резултатот од средбите во Грција и Бугарија, Македонија, во соработка со соседите, ќе го преживее „струјниот удар“ кој го прогнозираат енергетските експерти. Премиерот Димитар Ковачевски, и соработниците, во улога на летечки енергетски дипломати, направија ад-хок визити на Софија и Атина, што му донесе на Скопје оптимизам дека студената зима од која стравува цела Европа, сепак ќе ја презими во „медитерански амбиент“ преку договорот за лигнит, мазут и јаглен од Грција како гориво за РЕК „Битола“ и „Осломеј“ и за ТЕЦ „Неготино“, објави НоваТВ.
Се разбира причини за опуштеност нема затоа што политичката и економската прогноза често не се совпаѓаат со временската прогноза, но изјавите што вчера дојдоа од грчката метропола одат во прилог на тоа дека добрососедската политика никогаш не била поважна од сега бидејќи пријателите се потребни и се покажуваат во неволја.
„Денес имавме неколку конкретни теми на кои разговаравме и на кои постигнавме договор со Република Грција. Прво, снабдувањето со лигнит и јаглен којшто доаѓа од рудниците во Грција ќе се одвива непречено во текот на целиот период, четвртиот квартал оваа година и првиот квартал идната година, со што ќе можат да бидат ставени во непречено функционирање производствените капацитети на јаглен во РЕК ‘Битола’ и во РЕК ‘Осломеј’. Втората тема на која постигнавме договор е непречено снабдување со мазут преку Грција како што и досега имавме снабдување со цел непречено да може да функционира ТЕЦ „Неготино“, со што ќе обезбеди снабдување на електрична енергија, исто така, и од овој капацитет“, рече Ковачевски на прес-конференцијата во Атина по средбата со грчкиот колега Киријакос Мицотакис.
Владината мисија да го превенира „струјниот удар“ освен преку склучување договори со соседите се одвиваше и со серија одлуки дома од кои најважната е ограничувањето на маржата.
Како што објави министерот за економија Крешник Бектеши, највисоката трговска маржа на електричната енергија за сите трговски друштва и трговци поединци кои вршат трговија на пазарот со електрична енергија на големо и на мало се утврдува во висина најмногу до 10 отсто.
„Трговската маржа за учесниците на пазарот на електрична енергија ќе се пресметува на просечната цена на електрична енергија за МWh од Унгарската берза за електрична енергија (HUPX) на дневно односно часовно ниво, на цената на електрична енергија за МWh во билатералните договори и цената на електрична енергија за МWh во договорите за снабдување со електрична енергија. А оваа одлука ќе се применува до 15 април следната година“, соопшти министерот.
Според Бектеши одлуката се донесува за да се заштити од нарушување на домашниот пазар заради злоупотреба во прометот на одделни производи и стоки и на предлог на Министерството за економија потребно е да започне да се применува пред отпочнување на грејната сезона од 15 октомври.
„Оваа мерка ја носиме со цел да им излеземе во пресрет на компаниите кои што се на слободниот пазар, но и институции од централна власт, претпријатија од локалната власт и училишта и други кои се околу 1500 субјекти“, рече Бектеши.
Воедно и Регулаторната комисија за енергетика направи измена на Правилникот за снабдување со електрична енергија во краен случај каде што е намалена маржата која ја пресметува крајниот снабдувач од 50 проценти на 20 проценти.
Мрежата Еуроњуз на почетокот на септември објави анализа дека европските земји исто така донеле „непопуларни“ мерки за профитерите од струјата, а во функција на олеснување на животот на населението. Притоа беше објавен податок дека до јануари 2023 година повеќе од половина од домаќинствата во Велика Британија ќе бидат паднат во сиромаштија како резултат на високите цени на енергенсите. Италија и Шпанија објавија дека ќе ги даночат компаниите кои профитираат од повисоките цени на енергијата а парите ќе ги искористат за помош на населението. Франција го принуди државниот снабдувач на енергија ЕДФ да го ограничи растот на големопродажната цена на електричната енергија на 4 отсто за една година. Домашниот данок на земјата за финална потрошувачка на електрична енергија (TICFE), исто така, е намален од 22,50 евра по мегават час на само 1 евро по мегават час за домаќинствата и 0,50 евра за бизнисите. Германија, која се бореше да ја ограничи својата голема зависност од рускиот гас, вети дека ќе го намали данокот на додадена вредност на природниот гас од 19 на 7 отсто до крајот на март 2024 година.
Оваа блиц илустрација за размерите на глобалната енергетска криза освен што е поучна за Македонија, дава приказ и за потребата да се јакне стабилноста во политичките односи како услов да се задржи стабилноста на економијата а со тоа и на енергетскиот сектор, и тоа не само на домашен план туку и на надворешно-политички план, особено во балканското опкружување.
„Отворен Балкан“ чии лидери Ковачевски, Вучиќ и Рама се состанаа во Белград на почетокот на септември е можност за Македонија да ја демонстрира својата подготвеност за соработка по ова кризно прашање. Трите земји од „Отворениот Балкан“ претходно формираа кризна група за енергетика, која во пресрет на оваа зима, во сегашните услови на глобалниот недостиг на енергија и електрична енергија, преговара за размена на струја и природен гас.
„Добро е што на овој Самит разговараме за можностите за соработка и во областа на енергетиката. Постојат потенцијали за развој или рехабилитирање на интерконекциските врски, за зголемување на можностите за електроенергетска размена и за соработка во делот на изградба на фото напонски централи, ветерни паркови и централи за добивање на електрична енергија од биомаса и биогас. Предлагаме да се оствари соработка меѓу српската берза на електрична енергија и македонскиот оператор на организиран пазар на електрична енергија (МЕМО), со цел да се подобрат условите за меѓугранична трговија со електрична енергија. А, во натамошниот период, треба да се интензивираат и активностите за реализација на гасната интерконекција со Република Србија“, рече македонскиот премиер при отворањето на трипартитниот самит засилен со претставници на Црна Гора, БиХ, Турција и Унгарија.
Настаните кои следуваа во Скопје недвојбено покажаа дека обезбедувањето на електрична енергија стана централно прашање во септемвриската агенда на Владата. Среде политичката бура предизвикана од барањето за референдум од ВМРО-ДПМНЕ, за поништување на Договорот за добрососедство, пријателство и соработка со Бугарија, Ковачевски одлета за Софија испраќајќи недвосмислена порака дека внатрешно-политичките конфронтации околу односите со Бугарија се минорно прашање во однос на превенирањето на кризата за електрична енергија која реално може да им наштети на граѓаните и на економијата.
По средбата со премиерот на Бугарија Галаб Донев, тој ја објави намерата за формирање меѓудржавна група составена од министрите за економија и енергетика на двете земји и засегнати компании на двете земји, за договарање на транспортот на електрична енергија.
„Разговаравме и за количините кои се потребни кај нас со оглед на тоа дека Бугарија е извозник на електрична енергија, благодарение на капацитети кои ги има особено електричната енергија произведена од нуклеарна централа. Разговаравме и за поврзувањето со нов интерконектор за гас кој би бил направен во делот на поврзување со течен гас и исто така во однос на капацитетите на постојниот интерконектор како и за можностите за складирање на течен гас во складиштата кои постојат во Република Бугарија“, соопшти Ковачевски по средбите во Софија.
„Пресметките покажуваат дека издатоците кои ќе треба да ги направиме и трансферот во буџетот се над 300 милиони евра, со оглед на тоа што државата мора да ја субвенционира цената на електричната енергија за граѓаните односно за регулираниот пазар и малите потрошувачи. Ресорните министерства разговараат и со другите енергетски капацитети кои ги имаме, а се во приватна сопственост како што се когенеративни гасни централи или други централи од обновливи извори на енергија, да бидат понудени на стопанството и да овозможат електрична енергија по оптимални и прифатливи цени, кои стопанските субјекти во државата мора да ги издржат“, рече тој.