пишува: КОСТА СТОИМЕНОВСКИ
– Не заборавај дека победата на изборите е всушност одлука на гласачите да ти дадат доверба да управуваш со државата, а не да располагаш со државните ресурси! Преродбениците сега плаќаат цена затоа што тоа не го разбраа и се однесуваа како државата да е нивна „дедовина“!
– Добро проучи ги десетте божји заповеди, но, води сметка дека првата заповед се однесува само на Господ, а ти не си Бог! Преродбеничкиот челник се занесуваше дека е Бог во државата и дека може да прави што си сака! Тоа беше негова катастрофална грешка! Обрни посебно внимание на заповедите „Не кради“ и „Не лажи“!
– Проучи го добро познатото дело на Николо Макијавели „Владетелот“, но доколку имаш намера да воспоставиш апсолутна власт погледај ги филмовите за Николае Чаушеску и неговата сопруга Елена!
– На челни места на службата за државна безбедност назначи чесни и способни луѓе, а не свои блиски роднини со клептократски и насилнички манири, како што тоа го правеа Садам Хусеин и Моамер Гадафи со нивните синови Удај и Ислам!
– Контролирај ги потчинетите и санкционирај ги оние кои крадат народни пари и кои се однесуваат насилнички кон граѓаните, нанесувајќи им зла и неправди!
– Не се обидувај да ги прикриваш своите грешки, биди транспарентен и дозволи контрола и на твојата работа и твоето однесување! Кога ќе ти заврши мандатот, на површина ќе излезат сите неправилности и/ли зла што си ги правил ти и твоите потчинети. Не заборавај вистината е како шило!
– Не биди алчен за пари и материјално богатство. Води сметка со своето однесување да не нанесуваш срам на твоите претци и твоите потомци! Подбро на потомците да им оставиш име со кое ќе се гордеат и нема да се срамат, отколку да им оставиш многу пари и/ли материјални добра!
– Поранешниот уругвајски претседател Хозе (Пепе) Мухика беше најомилен претседател во светот, затоа што живееше крајно скромно и затоа што 90% од неговата плата донираше за обезбедување покрив за самохраните мајки! Мухика во историјата ќе остане запомтен по апелот дека од политиката треба да се отстранат луѓето што сакаат (многу) пари!
– Не ставај ќутуци на челни места на институциите кои треба да се борат против криминалот и корупцијата! Ќутукот кој инсистира дека новинарите треба еднаш за секогаш да престанат да бараат податоци за твојата имотна состојба и тоа го благословува со „Амин“, е најдобар доказ дека ти си уште поголем ќутук од него, бидејќи мислиш дека тој може да ти помогне да ги прикриеш своите криминали!
– Постојано имај на ум дека нема економски напредок без конкуренција на рамноправни економски субјекти и дека „законот“ на Батко Ѓорѓија („посакае нјегово да буде све што је профитабилно у државу“) ја води во пропаст не само економијата, туку и државата!
– Не воспоставувај монструозно, поданичко правосудство, бидејќи кога тоа ќе се ослободи од твоите канџи ќе ти суди и тебе!
– Води сметка дека неграмотната раја можеш некое време да ја шашардисуваш со големи дози на историја, но, кога ќе огладне ќе се освести и ќе се сврти против тебе!
– Наместо скапо да плаќаш трабанти, за кои илузорно мислиш дека можат да ти изградат култ на месија, слушај ги и не ги казнувај, добронамерницитете кои размислуваат со своја глава и кои, во интерес на државата и граѓаните, ти укажуваат на грешките, гафовите и глупостите!
– Не биди циничен кон твоите послушници, кои безрезервно те подржуваат и кои по твој диктат се подготвени да влезат во оган за тебе, а ти ги издаваш и ги пушташ низ вода!
– Ниедна држава и/ли народ не може да гради иднина со „потемкинови села“! Режимскиот агитпроп тврди дека државата е едно „големо градилиште“, а, во реалноста хорор со патиштата, со болниците, со школите итн.!
– Води сметка дека образованието е темел на просперитетот и иднината на секоја држава и народ! Дисперзијата на високото школство доведе до инфлација на универзитети, факултети, инстант магистри и доктори („на науките“!?), а квалитетот на стручњаците кои излегуваат од овие институции е под секое ниво!
– Не заборавај дека Македонија е мала и сиромашна земја, која не може и не смее да се однесува како нуклеарна сила која може да се инаети и да се „тепа“ со големите светски сили, па ни со соседните земји, бидејќи и тие се посилни!
– Не се обидувај да владееш со сила! Немој да местиш и/ли да крадеш избори! Наместо да растураш големи пари за партиски институции кои даваат лажни податоци за твојот рејтинг во општеството, дозволи тоа да го прават независни и објективни агенции! Кога видиш дека немаш подршка во општеството напушти ја власта доброволно за да не бидеш сменет насилно!
– Брзите и чести смени на власта се мошне корисни за зајакнување на демократијата и за спречување на криминалот и корупцијата, така што ако можеш истерај два мандати и дај му шанса на политичкиот опонент, со можност повторно да се вратиш на власт.
– Владеј така што кога треба да си заминеш од власта тоа да го правиш со свиркање, како британските премиери Џон Мејџер и Дејвид Камерон, а не да ги полниш панталоните од страв дека ќе одиш в апс поради злоделата што ги правеше додека беше на власт!
Скопје 20 октомври 2017 година
Преземање на содржините e ЗАБРАНЕТО (!!!), освен со писмена дозвола од ЦИВИЛ и тоа исклучиво според Условите за користење, авторски права и заштита на приватноста. Повредата на авторските права е забранета со закон. Врз основа на договор за соработка, оваа содржина е достапна за Плусинфо и Слободен печат без ограничувања.