„Канадер Т21“, специјализиран хеликоптер за гасење пожари, пристигна од Романија, а се очекува и авион „Хекрулес 530“ со најсовремена опремa, придружна противпожарна опрема, пожарникари и други материјално-технички ресурси за гасење пожари. Помошта ќе се распредели каде што е најкритично, соопшти помошник-раководителот на Секторот за операции и координација при Центарот за управување со кризи, Марија Милкова.
Раководителот на Секторот за операции и координација при Центарот за управување со кризи, Горан Стојановски, појасни дека авионот „Хекрулес 530“ е товарен, но дополнително е прилагоден за гасење пожари.
“Се работи за специјализиран авион, за специјализирана намена, кој со себе носи материјално-технички ресурси, носи луѓе, пожарникари и шесттонски ќеси наполнети со вода и при летањето на подрачјето кое му се задава како координати за активен пожар тие се хидраулични и во форма на падобран бомба се концентрираат на пожарното дејствие каде практично е изворот на жариштето на пожарот. Тоа се големи авиони. Теренската акција е со координација со ВИНГ-от и Генералштабот”, истакна Стојановски.
Тој потенцира дека оперативниот центар ќе се одлучи денеска.
Останува и прашањето од каде овој авион ќе се полни со вода, имајќи предвид дека со правилата на УНЕСКО тоа е забрането на Охридското Езеро. Стојановски. истакна дека постојат две можности – Преспанско Езеро и уште едно од поголемите вештачки езера, за што ќе се одлучува во текот на денешниот ден до 17 часот до кога, според Стоајновски, ќе се има јасна информација за начинот и процесот и постапката на негово дејствување.
Тој рече дека верува дека со овие материјално-технинчки средства и летала кои се користат за големи пожари и се добредојдени со оглед на временските предиспозиции (се очекуваат – сончево, топло време) и можноста од дополнителен развој на ситуацијата со дополнителни пожари, многу ќе се придонесе за справуавње со пожаритет.
Во врска со состојбата со пожарите, Стојановски посочи дека во моментот Пехчево е најкритично.
“Утрово имавме добра температура од 9 степени која на некој начин дозволи сите хеликоптери да се кренат и да дејствуваат во тој правец. Тоа е Пехчевско-Беровскиот регион затоа што пожарот и дејствијата на пожарот се одвиваат во таа насока. Сите материјално-технички ресурси и голем број човекови ресурси се во правец Пехчево – Берово, додека другата сила материјално-техничка и човечки ресурси се концентрирани во појасот на Делчево кон Разловци, затоа што се гледа можност да се дејствува што повеќе за да се спречи пожарот да избие кон Берово, односно кон Голак,” истакна Стојановски.
Во Штип, потенцира, има повторно реактивирање на пожарот во Криви Дел и таму се војската, противпожарни екипи и дел од Шумско стопанство и појасни дека теренот на кој е пожарот е многу непристапен.
“Имаме мака во тој дел, и кон Кадрифаково, тоа е на граница меѓу Штип и Свети Николе. Во Прилепско има два пожари. Едниот пожар е под контрола и нема никаков проблем, но вториот пожар што е под Плетвар е потежок поради непристапноста на теренот и во овој момент дејствуваат сѐ додека е вакво времето, температурата е во ред за да може да се дејствува. Меѓутоа, оној непристапен терен, во моментот не дозволува да може со сите капацитети и сили да дејствувате. Се држи под контрола. Се договоривме со градоначалникот да видиме во текот на денот ако има потреба, најверојатно ќе интервенираме и со летало. Ќе видиме какви насоки ќе добиеме”, додаде Стојановски