Основното јавно обвинителство Тетово поведе кривична постапка додека Судот одреди притвор за 48-годишен жител на Тетово кој е под сомнение дека пред три дена на социјалните мрежи упатил закани кон жена и кон функционери од политичка партија дека ќе ги убие и ќе изврши други тешки кривини дела врз нив.
Како што информираа од Јавното обвинителство, осомничениот се товари за кривичното дело „Загрозување на сигурноста“ според член 144, став 5 од Кривичниот законик (КЗ).
Осомничениот на 28 октомври од профил на социјалната мрежа Фејсбук објавил видео и текст на албански јазик во кој отворено се заканил со убиство и други тешки кривични дела кон една жена и кон функционери на една политичка партија, како и кон лица со политичко уверување.
„Со објавата која имала навредлива, омаловажувачка, но и заканувачка содржина кај оштетената предизвикал чувство на вознемиреност и страв“, се вели во соопштението на Јавното обвинителство.











 
			
 

 
 
 
 
