Пратеникот и привремен претседател на движењето Беса, Неџбедин Каремани, денеска информираше дека има сериозни закани по неговиот живот и безбедноста на неговото семејство.
„Со овој случај е запознаен и министерот Оливер Спасовски, а од сега ќе бидат запознаени и сите дипломатски претставништва во земјата, Амбасадата на САД, Мисијата на ЕУ, ОБСЕ и другите амбасади“, рече Каремани.
Прашан кој точно му се заканува, Каремани рече дека за тие лица ја информирал полицијата, како и дека бараат од него да се повлече од функцијата пратеник.
„Мојата должност на пратеник ја прифатив и веќе сите знаат точно и јасно кој ги добил гласовите за движењето Беса во Тетово. Идниот месец ќе се одржи конгрес и се ќе биде во ред“, рече Каремани.
Каремани нагласи дека нема скопско и тетовско крило, туку дека движењето Беса е едно.
На седница на Централниот совет, што беше одржана во Скопје, од функцијата беше сменет лидерот Билал Касами и за привремен претседател на партијата до партискиот конгрес закажан за 21 февруари годинава, е назначен најстариот партиски функционер, пратеникот Неџбедин Карамани.
извор: МИА
Содржините кои ЦИВИЛ ги презема од други извори не подлежат на лиценцата Creative Commons 1.0, инаку вообичаена за содржините кои ги објавува оваа медиумска платформа. Ве молиме, консултирајте се со изворот за преземање на таквите содржини.
Одговорноста за редакциското опремување на текстовите (наслов, наднаслов, фотографија, тагови) е на ЦИВИЛ Медиа.