Во Собранието денеска продолжува 81 седницата, на дневниот ред единствена точка е владината Информација за содржината на Предлог-преговарачката рамка за пристапните преговори на Северна Македонија со Европската Унија, предложена од француското претседателство.
Расправата продолжи во слична атмосфера како што се одвиваше и вчера, со користење на вувузели и свирежи од пратениците на ВМРО ДПМНЕ за време на обраќањето на пратениците на СДСМ.
Владата на барање на опозицијата до Собранието достави додаток на Информацијата за содржината на предлог-преговарачката рамка, кој беше проследен до парламентот на 7 јули за „разгледување и донесување дополнителни заклучоци“.
Додека трае расправата во собраниската сала, пред Собранието и денеска повторно се собрани граѓани кои протестираат против прифаќањето на францускиот предлог, но овој пат во значително помал број.
Пред и околу Собранието се забележува засилено присуство на полициско обезбедување, а улицата пред Собранието е затворена за сообраќај. Засега протестите се одвиваат без инциденти, со веќе позната сценографија.
М.Д.