Пред Кривичниот суд Скопје сѐ уште трае протестот на приврзаници на ВМРО-ДПМНЕ, против приведувањата пратеници и други лица за учество во настаните во Собранието од 27 април годинава. Протестот почна претпладнето на повик на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, кој прво на својот Фејсбук профил, а потоа и на прес-конференција, ги повика „сите граѓани кои не се согласуваат со антидржавната политика на СДС да излезат на протест пред Основниот суд Скопје“.
На протестот се обратија актуелни и поранешни пратеници, членови на опозициската партија, кои повикаа за итно ослободување на приведените лица.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, кој и самиот попладнево присуствуваше на протестот, оцени дека приведувањето на лицата за насилствата во Собранието на 27 април е политички прогон и побара нивно итно ослободување.
На протестот присуствуваа генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Кристијан Мицковски, поранешниот градоначалник на Аеродром Ивица Коневски, лидерот на ГРОМ Стевчо Јакимовски, Соња Тарчуловска, сопругата на пратеникот Јохан Тарчуловски, актерот Тони Михајловски и поранешниот директор на Архивот на Македонија Филип Петровски.
Поранешниот министер за внатрешни работи и директор на Бирото за јавна безбедност Митко Чавков и уште 35 лица, меѓу кои пратениците Крсто Мукоски, Жаклина Пешевска, Сашо Василевски, Љубен Арнаудов утрово се приведени по налог на Јавното обвинителство за „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“ во врска со настаните во Собранието на 27 април годинава.
извор: МИА
Содржините кои ЦИВИЛ ги презема од други извори не подлежат на лиценцата Creative Commons 1.0, инаку вообичаена за содржините кои ги објавува оваа медиумска платформа. Ве молиме, консултирајте се со изворот за преземање на таквите содржини.