Собраниската расправата за нацрт-амандманите на Уставот на Република Македонија, во согласност со Договорот од Преспа, продолжува денеска од 11 часот, откако на вчерашната седница околу 40 пратеници се пријавија за дискусија за првиот амандман кој предвидува промена на името од Република Македонија во Република Северна Македонија. Дебатата за секој амандман трае 3 дена.
На вчерашната седница, премиерот Зоран Заев во расправата по нацрт-амандманот XXXIII на Уставот на Република Македонија, ја повика опозицијата на одговорност и побара да ги поддржи амандманите бидејќи друга опција освен влез во ЕУ и НАТО нема.
Понатаму, пратеничката Ане Лашкоска од ВМРО-ДПМНЕ посочи оти нема да искоментира ништо од текстот на нацрт-амандманите, затоа што смета дека не треба да се отвора и менува Уставот, со цел промена на уставното име на земјата и оти ќе ја почитува волјата на оние што и ја дале довербата.
„Процесот го водевте нетраспарентно, решивте опозицијата целосно да ја тргнете на страна. Ја водевте расправата во Комисијата за европски прашања, го изолиравте и претседателот на државата. Свесни сте дека договорот е спротивен на меѓународното право. Власта одлучи да не го послуша народот што не излезе на референдумот и топката ја префрли во Собранието на РМ“, рече Лашкоска.
Никола Димитров истакна дека досега во спорот со името имало три главни прашања – името, опфатот и што тоа значи за идентитетските прашања, и главното стравување било дека со додавање придавка ќе ни се загрози идентитетот.
„Предизвикот дали сме Македонци не постои врз основа на овој договор. Ова е комбинација која едвај ја постигнавме и многу тешко поминува и кај нас и кај нив, но крајната цел е да ја зацврстиме државноста“, посочи Димитров, реплицирајќи им на пратениците од опозицијата.
Сурија Рашиди од Алијанса за Албанците истакна дека сите политички чинители треба да се согласат дека без промена на името немаше да имаме никаков договор и тоа беше главната причина зошто Алијансата за Албанците го поддржала договорот, независно што имале забелешки за неговата содржина.
„Амандманот 33 има за цел да го измени името, но истовремено се менува и голем дел од Уставот, за секој член што се менува потребно е да се предложи посебен амандман и сметам дека во оваа насока требаше да имаме 55 амандмани. Од нас Албанците се бара да имаме разбирање за сето ова. Еден дел на нашите сонародници Македонци немаат подготвеност и волја да видат дека во Уставот треба да стои албански јазик, наместо 20 проценти“, рече Рашиди.
Рашиди истакна дека Алијансата за Албанците е зачудена како Владата немала разбирање да ги има предвид дел од барањата на албанската опозиција при предлагање на овие амандмани.
„Аргументот дека сега не е време, не држи. Кога е тогаш вистинското време. Кога го бараме ова не сме измислиле ништо ново туку сме виделе како функционираат земјите со висока демократија. Кога има добра волја да се надминат етничките разлики се изнаоѓаат начини на решавање. Се надевам во предлог амандманите Владата ќе ги земе предвид нашите барања“, посочи Рашити од Алијансата на Албанците.
Хари Локвенец од СДСМ истакна дека македонскиот идентитет по ниту еден основ не е загрозен.
„Тоа е причината зошто лидерот на опозицијата на народните собири зборуваше за институционален, а не за национален идентитет, бидејќи тој не е чепнат. Јазикот е македонски, фуснотата дека е од групата јужнословенски јазици е дополнителна придобивка“, рече Локвенец.
Уставните измени зависат од Законот за помирување?
Осумтемина пратеници кои гласаа за уставните измени сега се воздржани за три од четирите нацрт-амандмани. Тие поставија нов услов: Прво закон за помирување за настаните од 27 април, потоа двотретинско мнозинство.
Премиерот Зоран Заев не го коментираше потегот на независната пратеничка група. Повторно ги образложи уставните амандмани, велејќи дека, ќе бидат дел од Уставот само ако Грција ја изгласа спогодбата и го поддржи Протоколот за пристапување во НАТО.
Пратениците од ВМРО ДПМНЕ на почетокот на седницата побараа уставните амандмани да се тргнат од дневен ред затоа што, по референдумот, владата нема мандат од граѓаните за промена на уставот. Предлогот беше одбиен, по што продолжија со критики и дилеми за договорот со Грција.
Текстот на четирите нацрт-амандмани треба да биде изгласан најдоцна до 12-ти декември. Во оваа фаза се гласа со просто мнозинство од 61 глас. Следи пет дневна јавна дебата, по што амандманите повторно ќе се најдат пред пратениците во форма на предлог. За конечното изгласување, е потребно двотретинско мнозинство.
Со шатори против промена на името
Додека траеше вчерашната седница пред Собрането со десетина шатори „Македонија блокира“ се обиде да го спречат или попречат процесот на уставните измени и промена на името на државата. На денешниот протест кој започна паралелно со пленарната седница во Собранието, организаторите обвинија дека им била исклучена струјата поради што биле принудени да купат агрегат.
Претседателот на Единствена Македонија, Јанко Бачев, рече дека ова е провокација заедно со поставувањето на металната ограда на средина од улицата пред Собрание.
„Заев прво што направи како премиер си зема лиценца за поризводство на марихуана. Затоа нашиот одговор мора да биде жесток, ние повеќе нема што да изгубиме. Можат да не следат, да не прислушуваат, да ни се закануваат, но да не дозволиме да ни го убијат духот“ рече Бачев пред присутните.
Организаторите најавуваат дека ќе протестираат пред Собранието до Нова година.
М. И.